• понеделник, 25 ноември 2024

Романскиот претседател подготвен да разговара за трансферот на „Патриот“ во Украина

Романскиот претседател подготвен да разговара за трансферот на „Патриот“ во Украина

Букурешт, 8 мај 2024 (МИА) - Романскиот претседател Клаус Јоханис изјави дека е подготвен да разговара за можноста за префрлање на системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ во Украина.

Конечната одлука може да се донесе само по консултација со Високиот совет за безбедност на земјата.

Јоханис истакна дека испораките за Украина не треба да влијаат на безбедноста на Романија, што значи дека Букурешт треба да добие нешто за возврат.

Романскиот претседател го искажа својот став за прашањето за испораките на „Патриот“ за Украина на прес-конференција по средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон.

„Очигледно, на Украина и требаат напредни системи за противвоздушна одбрана. Во врска со тоа, во последните недели имаше доста интензивна дискусија за тоа кој може да ги обезбеди системите 'Патриот' на Украина. Претседателот Бајден исто така го покрена ова прашање. Реков дека сум отворен за дискусија“, изјави Клаус Јоханис.

Романскиот претседател истакна дека за сите прашања поврзани со испораките за Украина треба да се разговара со Врховниот совет за безбедност на земјата (ЦСАТ).

„Ќе треба да разговараме со ЦСАТ како можеме да го решиме проблемот, што можеме да обезбедиме и што можеме да добиеме за возврат, бидејќи според мене е неприфатливо Романија да остане без одбрана“, рече тој.

Според „Фајненшл тајмс“, украинските власти побарале не само Романија, туку и Полска и Шпанија да обезбедат системи „Патриот“.

Сите три земји одбија да и дадат на Украина од овие системи, наведувајќи ја „потребата да се зачуваат нивните одбранбени способности“.

Станува збор за вкупно седум „Патриот“ системи. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан