Ристовски со поддршка за македонските кошаркарски судии
- Министерот за спорт, Борко Ристовски, им даде поддршка на судиите од македонската кошарка кои минатиот викенд штрајкуваа поради неисполнети финансиски побарувања од страна на Кошаркарската федерација на Македонија.

Скопје, 16 април 2025 (МИА) – Министерот за спорт, Борко Ристовски, им даде поддршка на судиите од македонската кошарка кои минатиот викенд штрајкуваа поради неисполнети финансиски побарувања од страна на Кошаркарската федерација на Македонија.
Ристовски во насока на решавање на проблемот денес оствари средба со претседателот на Судиската организација при Кошаркарската федерација, Алија Феревски и Комесарот за натпреварувања, Александар Милојевиќ.
- На средбата во министерството изразив поддршка за барањата на кошаркарските судии и делегати. Како министер за спорт, целосно ја разбирам и поддржувам важноста на судиите и делегатите и дадов уверување дека сите заостанати обврски кон нив ќе бидат подмирени во најкус можен рок.
Во интерес на кошарката и на спортот воопшто е натпреварите да продолжат во амбиент на доверба и исполнување на меѓусебните обврски на сите чинители во кошарката.
Министерството за спорт ќе остане посветено и понатаму да го следи развојот на настаните во овој процес, е ставот на министерот Ристовски.
Останува да се види дали кога ќе продолжат натпреварите во македонските кошаркарски лиги.
Истовремено од иницијаторите за смена на претседателот на КФСМ Перо Антиќ, за 30 април е најавено Вонредно собрание на кое се очекува делегатите за нов прв човек на македонската кошарка да ги изберат Младен Ѓуровски. зс/