• четврток, 26 декември 2024

Реџепи најави амандмани на предлогот за измена и дополнување на Законот за попис

Реџепи најави амандмани на предлогот за измена и дополнување на Законот за попис
Скопје, 1 април 2021 (МИА) - Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива останува на ставот дека пописот не треба да се одложи и нагласи дека нема да дозволи да се одржи денешната собраниска седница, на која на дневен ред се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Севрна Македонија, 2021 година по скратена постапка и  Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.
Координаторот на пратеничката група на Алијанса и Алтернатива, Скендер Реџепи денеска во Собранието изјави дека во ниту еден случај нема да дозволат се одржи  денешната седница, се додека не дојдат сите пратеници од нивната пратеничка група.
-Денеска и службено се докажа дека Талат Џафери и демократијата се два различни поима. Во 12:15 добиваме порака за седница, што треба да се одржи во 13 часот. Замислете како би можеле пратениците кои се од внатрешноста да стигнат во Скопје за само 45 минути. Тоа е една игра, манипулација со правата на пратениците кои се во Собранието, што не му доликува ниту на претседателот на Собранието, ниту на мнозинството, кое ја искреира оваа манипулација, рече Реџепи.
Нагласи дека остануваат на ставот дека не треба да има одложување на пописот, дека тоа и сега не е можно, бидејќи требаше да се стори до вчера.
-Повикуваме на разум и свест кај албанските пратеници да се искористи Бадинтер и да го оневозможиме одложувањето, бидејќи барањето на двајцата моноетнички лидери Заев и Мицкоски не беше од здравствени причини, туку тотално од политички, од страв дека Албанците ќе бидат повеќе од тоа што планирале, а Македонците со бојкотот ќе се докаже дека се помалку. Таква политичка игра нема да дозволиме, порача Реџепи.
Информира дека ќе поднесат амандмани на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис.
Според албанската опозициска коалиција Државниот завод за статистика, кој денеска информира дека нема да го почне пописот на терен, извршува кривично дело.
-Ова одбивање за да се спроведе законот е силен удар врз принципот на правна сигурност, како основен концепт на правна држава. Го повикуваме Обвинителството итно да ги преземе потребните мерки за зачувување на правната држава и владеењето на правото, со тоа што ќе поднесе обвинение против директорот и заменик-директорот на ДЗС. Го потсетуваме Обвинителството за тоа што вели законот за попис во членовите 16 и 18, нагласуваат од коалицијата.
Според член 16 ДЗС се грижи за законитоста при подготовката, организацијата и реализацијата на пописот во согласност со одредбите на овој закон и врши надзор над работата на лицата-учесници на пописот. Според член 18 во рамките на нивните надлежности утврдени со закон, во вршење на одредени пописи учествуваат: Министерство за одбрана, Министерство за правда, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за надворешни работи и Агенција за катастар на недвижнини и други носители на прибирање податоци. фф/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан