Речиси 800 деца со посебни образовни потреби добиле пристап до поквалитетно образование во тригодишниот проект на „Отворете ги прозорците“
- Гулевска информираше дека во изминатите три години работеле со централната и со локалните власти, со четири универзитети, од каде што 22 професори ги збогатиле, рече, своите студиски програми со концептот на инклузија, со 24 основни училишта, пет училишта со ресурсен центар, осум центри за поддршка и со 12 општини.
Скопје, 2 декември 2025 (МИА) - Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ денеска со конференција го одбележа завршувањето на тригодишниот проект „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ (јануари 2023 – декември 2025) реализиран во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и финансиран од Детската фондација „Песталоци“.
Конференцијата е заокружување на активностите и постигнувањата во остварувањето на целта на проектот – обезбедување еднаков пристап до квалитетно образование за девојчињата и момчињата со посебни образовни потреби.
Маргарита Гулевска, извршна директорка на „Отворете ги прозорците“ во поздравното обраќање истакна дека со проектот настојувале да се создадат услови во кои „секое дете ќе биде видено, слушнато и поддржано“.
-Инклузијата не е проект, таа е процес, таа е вредност и обврска. Секое дете заслужува шанса што не смее да зависи од околностите туку од нашата посветеност. Промени се можни и секој направен чекор, макар и мал, може да создаде големо влијание во животот на едно дете, истакна Гулевска на конференцијата на која беа наставници и вработени во стручните училишни служби кои биле вклучени во проектните активности.

Посочи дека благодарение на овој проект, речиси 800 деца добиле поддршка со пристап до поквалитетно образование, а 200 од нив кои биле надвор од образованието успеале да ги вклучат во редовна настава.
Гулевска информираше дека во изминатите три години работеле со централната и со локалните власти, со четири универзитети, од каде што 22 професори ги збогатиле, рече, своите студиски програми со концептот на инклузија, со 24 основни училишта, пет училишта со ресурсен центар, осум центри за поддршка и со 12 општини.
-Зајакнавме училишни тимови за инклузија, развивме нови алатки за следење и поддршка, ја унапредивме работата на ресурсните центри и влијаевме во професионалниот раст на наставниците, стручните служби, локалните политики преку обуки, менторства и креирање практични ресурси, соопшти Гулевска.
Даниела Саздова, државен советник во Министерството за образование и наука, во обраќањето рече дека овој проект значително придонел за подигнување на инклузивноста во нашето образование, додавајќи дека МОН е секогаш партнер во вакви иницијативи со кои, рече таа, „децата може да ги развиијат своите потенцијали и да бидат рамноправни во општеството“.
-Инклузијата е процес што се гради со стратегија и институционална поддршка и со посветеност. Министерството за образование и наука е посветено на унапредување на инклузивното образование. Значајно го зголемивме бројот на образовни асистенти во основното образование, 1348, а од оваа учебна година првпат воведовме образовни асистенти и во средното образование, 130, како системска мерка. Државните основни и средни училишта со ресурсни центри им даваат значајна поддршка на училиштата, наставниците и стручните соработници во спроведување на мерките за инклузивно редовно образование, рече Саздова.
Посочи и дека со измени во регулативата е овозможено изборот дали детето ќе биде запишано во редовно училиште или во посебно да го прават родителите заедно со стручната служба за функционална проценка на децата и младите.

-Практиката покажа дека концептот за тотална инклузија не ги дава очекуваните резултати. Затоа воведовме модел што е одржлив и навистина корисен за сите деца и нивните семејства. Наша цел, а тоа го побараа и родителите, не е само формално вклучување на овие деца во редовното образование, туку нивни суштински напредок преку образование што е адекватно и ефективно, додаде Саздова на конференцијата која опфати три панели.
Проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“ бил финансиски поддржан од меѓународната Детска фондациjа „Песталоци“, која постои 80 години, активна е во многу земји низ светот, а кај нас дваесет години поддржува проекти од областа на образованието во соработка со државни институции и локални организации.
Национапната претставничка на фондацијата, Ана Чорбеска-Таневска, истакна дека нивниот пристап за работа е базиран на остварување на загарантираните човекови права за еднаков пристап до квалитетно образование.
-Нашата мисија е едноставна – да создадеме свет каде децата учат и растат во мир и слога ... Предизвици во овој преокт кои, за жал, и се уште постојат, беа стигмата, предрасудите кон децата со посебни образовни потреби и нивно неприфаќање, како и недостиг на услови во училиштата за работа со тие деца. Но, и покрај овие предизвици, проектот успеа да ги направи првите најтешки чекори и да направи промени кои се исклучително важни во образованието, а и во општеството, истакна претставничката на фондацијата „Песталоци“. хс/вј/
Фото: МИА