• вторник, 14 јануари 2025

Рение: Ограничувањето на извозот на чипови за вештачка интелигенција од САД ќе има негативни ефекти 

Рение: Ограничувањето на извозот на чипови за вештачка интелигенција од САД ќе има негативни ефекти 

Брисел, 14 јануари 2025 (МИА) – Европската Унија е длабоко загрижена од одлуката на САД за дополнително ограничување на извозот на напредни чипови за вештачка интелигенција и смета дека тоа ќе има потенцијални негативни ефекти, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.  

- Потсетуваме дека ние претставуваме силна економска можност за САД, а не безбедносен ризик, нагласи Рение. 

Тој најави и дека Европската комисија за ова прашање планира да разговара со новата американска Администрација, со цел да се најде решение во заеднички интерес.  

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден вчера соопшти дека дополнително ќе го ограничи извозот на чипови за вештачка интелигенција, за да се задржи водечка позиција на САД и групата нејзини сојузници и партнери во овој сектор.

- САД денес предводат во вештачката интелигенција - и во развојот на вештачката интелигенција и во дизајнот на чиповите со вештачка интелигенција - и од клучно значење е да ја задржиме таа позиција, изјави американската секретарка за трговија Џина Раимондо. 

Според најавата, САД ќе воведат нови ограничувања за извозот на чипови за графички картички (ГПУ) што се користат во центрите за податоци за тестирање на модели со вештачка интелигенција. Тие најчесто се користат во игрите, но имаат примена и во други сектори, поради нивната голема моќ и симултаната обработка на различни категории на податоци. 

САД уште од претходно го ограничија извозот на овие компоненти, а со новите мерки неограничен пристап до нив ќе имаат само 18 земји, меѓу кои и 10 членки на ЕУ - Белгија,  Данска, Германија, Ирска, Италија, Финска, Франција, Холандија, Шведска и Шпанија. Останатите осум „сојузнички земји и партнери“ се Австралија, Велика Британија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Норвешка и Тајван. 

Согласно одлуката, компаниите со „високи безбедносни стандарди“ и седишта во повеќето други земји ќе можат да побараат статус на „проверен краен“ корисник и да купат „компјутерска моќ еквивалентна на до 320.000 софистицирани графички процесори“ во следните две години. Компаниите што го немаат тој статус и немаат седиште во „сојузничка земја или партнер“ ќе можат да купат компјутерска моќ, но со ограничување до 50 илјади софистицирани графички процесори по земја. сп/ 

Фото: Скриншот

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан