• недела, 22 декември 2024

Реконструкција на улици во поширокото градско подрачје во Куманово

Реконструкција на улици во поширокото градско подрачје во Куманово

Куманово, 1 март 2024 (МИА) - Почна реконструкција на улицата „Егејска Македонија“ во Куманово, соопштија денеска надлежните. Ова е последна реконструкција на улица од планот за одржување на улиците од претходна година што беа префрлени во тековната.

- Финални подготовки за асфалтирање на ул. „Егејска Македонија“. Претходно беа асфалтирани тротоарите и ставени се нови рабници, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Претходно, на оваа улица беше заменета водоводната мрежа за што општината одвои околу 850.000 евра, а беше поставена и гасоводна мрежа. Граѓаните реагираа и бараа побрза санација на улицата поради прекопите и отежнатото движење на пешаците.

Ова е последна улица за реконструкција со ланскиот тендер кој изнесуваше околу 20 милиони денари. Наскоро се очекува распишување на нов тендер за избор на компанија за асфалтирање и реконструкција на улици во Куманово.

Со новиот тендер заврши поставување на бекатон на крак од улицата „Тонко Димков“.

- Во тек е и реконструкција на тротоарите на оваа улица која води до училишни објекти. Наредната недела ќе се поставува бекатон кај зградите, изјави помошникот раководител на одделението, Момчило Јовановски.

Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска апелираше граѓаните од овој реон да се воздржат од паркирање на тротоари бидејќи речиси сите граѓани имаат гаражи. Кумановци реагираат бидејќи на секој дел од градот тротоарите се користат за паркирање, а не за движење на пешаците и бараат реакција од надлежните служби. ам/цр


Фото: Општина Куманово

Остани поврзан