• сабота, 21 декември 2024

Ред Бул со нови проблеми, мора да го менува болидот во Остин

Ред Бул со нови проблеми, мора да го менува болидот во Остин

Остин, 18 октомври 2024 (МИА) - Ред Бул потврдија дека ќе мора да направат корекции на нивниот болид пред Американското ГП во Остин, бидејќи тоа од нив беше побарано од ФИА. Ова е само продолжение на проблемите со кои се соочува тимот во вториот дел од сезоната, чиј прв возач е Макс Верстапен, трикратен последователен светски шампион и актуелен лидер во шампионатот.

Ривалските тимови ја предупредија ФИА дека Ред Бул има уред во кокпитот со кој може да ја прилагоди висината на подот на болидот. Тие веруваа дека тимот може да направи одредени промени во поставеноста помеѓу квалификациите и трката, што не е дозволено.

-Точно е дека го имаме тој уред, но не може да се користи за време на трката. Ја информиравме ФИА за ова и ни беше кажано дека можеме да го развиеме, велат од Ред Бул.

Светската автомобилска федерација (ФИА) има друга верзија на приказната.

-Не сакаме некој да биде фаворизиран. Не се дозволени какви било промени помеѓу квалификациите и трката. Правилата важат за сите тимови, порачаа оттаму.

Макс Верстапен, асот на Ред Бул, смета дека оваа одлука на ниту еден начин не му штети на неговиот тим.

-Кога прочитав, мислев дека се работи за друг тим, а потоа сфатив дека се работи за нас. Никогаш не разговаравме за тоа на тимските состаноци, бидејќи тој уред не може да се користи кога болидот е подготвен за трка. Сето ова нема да има никакво влијание врз моето возење, изјави Макс.

Свое мислење за целиот случај имаше и неговиот најголем ривал во борбата за титулата, Британецот Ландо Норис.

-Едно е да имаш уред, друга работа е колку го користиш, за што ние немаме поим. Можно е такво нешто да ви помогне да стигнете до десетинки во квалификациите, кои можат да одлучат дали ќе бидете на пол-позицијата или на второто место, истакна возачот на Мекларен.

Тимовите сакаат болидот да биде понизок во квалификациите и повисок за време на самата трка. Во секој случај, оваа предигра ќе ја направи трката во Остин уште поинтересна.

Верстапен е лидер во шампионатот со 52 бода повеќе од Ландо Норис, но Холанѓанецот нема победа од јуни. Остануваат уште шест трки до крајот на оваа сезона, вклучувајќи ја и оваа во Тексас. дс

Фото: Архива

Остани поврзан