Регионален форум на заедницата за Североисточниот Регион за унапредување на капацитетите за спроведување на зелената агенда
- Целта е споделување успешни практики за воспоставување функционални собирни центри и долгорочно решавање на проблемот со градежен шут.
Скопје, 25 јануари 2026 (МИА) - Во организација на Националниот ромски центар - НРЦ Куманово, денеска, во Куманово, ќе се одржи регионален форум на заедницата за Североисточниот Регион, кој има цел унапредување на капацитетите за спроведување на зелената агенда за Западен Балкан (ЗАЗБ) на локално ниво.
Целта е споделување успешни практики за воспоставување функционални собирни центри и долгорочно решавање на проблемот со градежен шут.
- Општините се должни да воспостават еден или повеќе собирни центри за посебни текови на отпад од домаќинствата, каде што комуналниот отпад и отпадот за рециклирање се оставаат бесплатно. Поради големиот волумен или опасните својства, одреден отпад не смее да се фрла во канти или контејнери. Собирните центри се клучен дел од примарната селекција и регионалната шема за управување со отпад. Сепак, општините често се соочуваат со пречки, како избор на локација, сопственост на земјиштето и нејасни законски процедури. Градежниот отпад, пак, често завршува во контејнерите или создава диви депонии, што претставува сериозен проблем - се вели во најавата за форумот.
Настанот е организиран во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на зелената агенда на локално ниво“, спроведуван од страна на Центарот за климатски промени во соработка со партнерите „Екозелено движење“, „Геосфера“, „Екотуризам - 2016 Охрид“, „Креактив“, Фондацијата за локален развој и развој на информатичките технологии, Националниот ромски центар и „Ецо ацтион“.
Проектот е поддржан од владата на Швајцарија преку програмата „Цивика мобилитас“. сст/лв/
Фото илустрација