• понеделник, 23 декември 2024

Регионален настан во Куманово во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“

Регионален настан во Куманово во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“
Куманово, 6 април 2023 (МИА) - Во салата на Комитет во Куманово денеска ќе се одржи регионален настан во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, на кој претставници од повеќе интитуции, установи, поединци, граѓански организации ќе разговараат за инклузијата и инклузивното образование.
 
Проектот го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со партнерите Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, во соработка со Министерството за образование и наука. На средбата се поканети претставници од општините, училиштата, граѓански организации, општествено одговорни компании и поединци од североисточниот регион.

На регионалниот настан ќе зборуваат Бранка Џајковска (Проект „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“) за инклузија и инклузивно образование, градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, кој ќе ги презентира успешните практики, предизвици и активности на полето на инклузијата во Општина Куманово, Елена Мишиќ (Проект „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“) која ќе изврши преглед на статистички податоци и локалните трендови како основа за креирање на инклузивни политики и акциски планови. Предвидена е отворена дискусија на заинтересираните страни.

- Целта на овие настани е да се разговара за инклузијата и инклузивното образование, да се претстават локалните текови на полето на инклузија, да се споделат активностите и постигнувањата на Проектот, а планирана е и заедничка дискусија за успешните приказни на полето на инклузијата, како и предизвиците со кои се соочуваат училиштата, институциите и општините во својата намера да обезбедат инклузивна клима, соопштија организаторите.

Проектот, кој е финансиран од Европската Унија, има за цел да придонесе кон обезбедување рамноправен пристап на децата со попреченост до квалитетна настава и пристапна и стимулативна средина за учење, преку месечни стипендии и образовна поддршка за учениците со попреченост, грантови и обука за училиштата, како и развивање на јавната свест. Овој проект се заложува за квалитетно и инклузивно основно образование со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали.

Во рамките на проектот планирано е реализирање на осум регионални настани во форма на панел дискусии во осумте плански региони како дел од третата проектна кампања за подигање на јавната свест за важноста од инклузивното образование. ам/мд/
 
Фото: МИА

Остани поврзан