• петок, 21 февруари 2025

Ревизорите утврдија слабости во спроведувањето на мерките за вработување во 2023 година и нерамномерна распределба на средствата за планските региони

Ревизорите утврдија слабости во спроведувањето на мерките за вработување во 2023 година и нерамномерна распределба на средствата за планските региони

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Ревизорите утврдиле слабостите во спроведувањето на мерките за вработување во 2023 година и нерамномерна распределба на средствата во планските региони. Утврдени се и пропусти во активностите за обука на напредни ИТ вештини што е една од целите на Агенцијата за вработување. 

Во ревизорскиот извештај наведено е дека за исплата на средства за паричен надоместок во случај на невработеност во 2023 година исплатени се средства во вкупен износ од 1.305.639 илјади денари односно 21 милион евра и дека се бележи тренд на намалување во однос на 2022 година, односно исплатени се помалку 102.071 илјада денари.

- Кај исплатата на расходите по тој основ утврдено е дека кај дел од предметите кои биле опфатени со ревизијата, документацијата била некомплетна, односно се забележува отсуство на дел од бараната докуемтнација што се должи на неажурност во работењето кај дел од центрите за вработување, а дел од документацијата се обезбедува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок што се должи на не воспоставена електронска размена на податоци и поврзаност на евиденциите помеѓу Агенцијата и Фондот за ПИО, се наведува во извештајот. 

Најголем дел од средствата за активни програми и мерки за вработување се исплаќале за мерката поддршка и самовработување (претприемништво). 

Во однос на мерката „Обука за стекнување на вештини од областа на напредни ИТ вештини“ ревизорите утврдиле дека се исплатени 1,4 милиони евра што во однос на 2022 година претставува зголемување за 54 проценти, но бројот на кандидати кои успешно ја завршиле обуката изнесувал само 22 проценти.

- Ревизорите утврдиле дека бројот на кандидати кои успешно го положиле предвидениот испит по завршувањето на обуката е мал и заклучно со септември 2024 година изнесува 22%. Имајќи предвид дека за оваа активност се користат значителен износ на средства, утврдената состојба упатува дека мерката не го постигнала својот целосен ефект, бидејќи поголемиот дел од кандидатите не ја реализирале обуката успешно и не го завршиле испитот, наведуваат ревизорите.

Исто така согласно колективниот договор на Агенцијата за вработување биле предвидени бодови за директорот и заменик на директорот, што е спротивно на одредбите на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. До денот на ревизијата, како што е наведено во извештајот, исплатата на платата на директорот и заменик директорот била вршена без склучени менаџерски договори што влијаело на начинот на раководење и пресметка на платите. бак/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан