• сабота, 23 ноември 2024

Ревакцинирани 773 537 граѓани, трета доза примиле 24 021

Ревакцинирани 773 537 граѓани, трета доза примиле 24 021
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) – Вкупно се вакцинирани 803 408 граѓани, ревакцинирани се 773 537, а трета доза примиле 24 021. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина. Во изминатите 24 часа се регистрирани 436 нови случаи со Ковид-19 и седум починати лица. Вчера починала и 17 - годишна пациентка која имала хронично заболување јувенилен дијабетес тип 1. Според податоците на Министерството за здравство, заклучно со 27 октомври, педесет и четири отсто од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во изминатите 24 часа се направени 2.732 тестирања, а регистрирани се 436 нови случаи со Ковид-19. Регистрирани се и седум починати лица а оздравени се 321 пациенти. Министерството за здравство соопшти дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера починала 17 – годишна пациентка од село Сопотиница, Демир Хисар. Младата пациентка имала хронично заболување јувенилен дијабетес тип 1 и не била вакцинирана. Тегобите кај пациентката биле девет дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје и била мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите преземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката починала.   Досега во земјата се направени вкупно 1.375.566 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број КОВИД – дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 201.292, на оздравени пациенти е 187.695, на починати е 7.098, а на активни случаи изнесува 6 499. Бројот на заразени и починати од Ковид-19 во другите држави се зголемува, болниците стануваат ковид-центри, а се заоструваат и мерките. Поради големиот број на нови инфекции со коронавирус, во Хрватска, Загреб воведе нов болнички режим, според кој сите поголеми болници во главниот град стануваат ковид-центри. Во текот на изминатиот ден во Хрватска се регистрирани 4.154 новозаразени. Германското здружение на болници, исто така, предупреди на зголемен обем на работа во одделенијата за интензивна нега поради скок на бројот на заразени со коронавирус. Федералните здравствени власти вчера пријавија 28.037 нови случаи на коронавирус, а според новите податоци, во Германија во изминатите 24 часа починале 126 лица. Бугарските здравствени власти вчера втор ден по ред регистрираа рекорден број новозаразени со Ковид-19. 5.640 лица, а починале 154 лица, од кои речиси 95 отсто не се вакцинирани. Европскиот центар за спречување и контрола на болести, ЕЦДЦ, пак, го обои Брисел во темно црвена боја на мапата, како регион со висок ризик од контаминација. Причината е големиот раст на нови случаи на заразени со Ковид-19 во Брисел и Валонија, односно стапка на инфекција помеѓу 75 и 200 за сто илјади жители во период од 14 дена со стапка на позитивност над 4 отсто или стапка на инфекција над 200 без разлика колкава е стапката на позитивност. Владата во Белгија донесе и ново заострување на мерките во земјата, повторно задолжително носење на заштитна маса, задолжителен ковид сертификат за влез на јавни места, културни настани, угостителски објекти, и силна препорака за работење од дома кога тоа е можно. Бројот на новозаразени во Бирсел дневно достигна 5.555. Владата на Унгарија побара државните службеници да се вакцинираат против Ковид-19 и носењето маски да биде задолжително во јавниот превоз од 1 ноември. Во изминатите 24 часа во Унгарија се регистрирани 4.039 новозаболени лица и 45 смртни случаи, а само половина од жителите на Унгарија се вакцинирани против Ковид-19. Од почетокот на годината, Европската Унија има извезено 1,2 милијарди дози вакцина против Ковид-19 во 150 земји.ар/лв/  

Остани поврзан