• сабота, 24 мај 2025

Реакција на СКРМ во врска со начинот на исплата на мартовските плати

Реакција на СКРМ во врска со начинот на исплата на мартовските плати

Скопје, 25 април 2025 

Започна исплатата на платите во културата, но НЕ во согласност со Колективните договори, туку по насока на Мнистерството за култура, а по препорака од Министерството за финансии со некаква нова не правна формула.

Но посочуваме дека таквата плата добиена по некакво произволно толкување на колективните договори е со грешки.

Кој "работи" тој и греши, но кој ќе ги сноси последиците?

Изработката на решенија за плата и самата пресметка, е направена под притисок, првично врз директорите, а подоцна и врз вработените од институциите кои се задолжени за изготвување на платите.

Тие под притисок на раководните лица беа принудени да изработат нешто за што сметаа дека не е по закон.

Па така по првиот испратен допис со упатства како да биде изработена платата, БЕЗ запазена правна процедура изработил, одобрил, контролирал и потпишал (нешто што се јавува во сите дописи од министерството за култура), голем дел од директорите на институциите знаејќи дека ако постапат по истиот ќе подлежат на можни судски процедури, не постапија по истите, за што беа вербално напаѓани и укорени од страна на Министерството. По кратко време директорите на националните институции се искординираа меѓу себе решавајќи да постапат по насоките од Министерството за култура. Во неколку институции следуваше враќање на вработените по работното време или држење на вработените како "заложници" доцна во ноќта да изработуваат нови решенија и плата. Па така под притисок и со противправна постапка стаса и фамозната мартовската плата во културата.

Останува нејасно како вработените земаа плата, без претходно дадени нови решенија и без истите да станат комплетно правосилни.

Во целиот овој хаос просто и се заборави на институциите кои се под локална власт, особено оние под градот Скопје.

Таму пак воопшто и не се изготвуваат решенија, а не се ни прават пресметки за плата.

Кога овие вработени ќе ја земат мартовската плата?

Оваа мартовска плата која некаде пристигна некаде не, стаса заедно и со разно-разни толкувања и изјави на сите засегнати страни.

Па така на седница на парламентот премиерот Христијан Мицковски изнесе став во врска со колективниот договор за култура и исплатата на платите.

Се прашуваме кој тоа го лиферува премиерот со таквите полувистини, правејќи му штета нему и на оваа Влада.

Или пак, ова е добро смислена акција за фрлање кал во очите на јавноста и купување време за следните маневри за уништување на културата која ете 30 и кусур години жилаво се држи и не попушта да биде потчинета, замолкната, збришана...

Колективниот договор е донесен во целосно правна постапка и со одобрување на Владата во чиј состав е и министерството за финансии и е објавен во Службен весник бр. 10/2020 од 15.01.2020 година, а не во “Развигорче”.

Имаме и Одлука на Уставен суд објавена во Службен Весник на РСМ 220 од 30.10.2024 година каде јасно е наведено дека за склучување на Колективни договори одделна или посебна согласност од Министерство за финансии воопшто не е потребна.(слика подолу)

Реториката која константно се води дека Колективниот договор за култура е истечен, е само пуста желба тоа да е вистина. Тој како и секој КД се склучува за време од две години (период во кој не може да се склучи нов КД), со важност до потпишување на нов.

Од што јасно произлегува дека сѐ додека договорните страни не се договорат за нов, Колективниот договор важи.

СКРМ секогаш бил подготвен и отворен за социјален дијалог, но не на штета на работничките права.

Подготовката за обжалување и поднесување на тужби е во тек. Секако засегнатата страна која го чува буџетот би требала да ги има предвид финансиските импликации кои би произлегле од сето тоа.

СКРМ ќе поднесе барање за прием кај премиерот за конечно да бидат расчистени сите досегашни кажани работи во врска со КД за култура, како и за начинот на пресметка на платите.

Во минатото многу се обиделе да ја потчинат културата и културните работници.

Досега на листата има многу имиња кои ќе бидат запишани и запомнети дека брижно се грижеле да ја уништат културата и вработените во културата, не сфаќајќи дека со тоа се ништат себеси, а со тоа и идентитетот на една цела нација.

Имате шанса да ја прекинете листата и да бидете запаметени како поддржувачи и заштитници на културата.

 

"Сѐ што ќе слушнете е нечие мислење, а не факт, сѐ што ќе видите е нечие гледиште, а не вистина."

Марко Аврелиј 161-180г.

Со почит, СКРМ.

 

Синдикат на културата на Република Македонија

_______________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан