• сабота, 23 ноември 2024

Реакција на синдикатите на пет државни универзитети, бараат од Собранието потпишување на колективните договори

Реакција на синдикатите на пет државни универзитети, бараат од Собранието потпишување на колективните договори

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Синдикатите на пет државни универзитети - во Битола, Тетово, Штип, „Св. Апостол Павле“-Охрид и „Мајка Тереза“-Скопје“ бараат најдоцна до 8 март со секој универзитет поединечно да биде потпишан колективен договор и прием кај премиеерот Талат Џафери за да му го образложат проблемот. 

Откако почна примената на колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, потпишан во декември 2022, со што вработените на УКИМ од овој месец ќе добиваат  повисоки плати  за околу 22 отсто, синдикатите на овие пет универзитети во допис до медиумите  укажуваат дека со непотпишувањето на нивните колективни догвоори вработените им се ставени во нерамноправна положба по однос на правата, платите и надоместоците и сметаат дека се неоправдано  дискриминирани.

-Бараме најдоцна до 8 март 2024 година да се заврши постапката и да се пристапи кон потпишување Колективен договор со секој универзитет поединечно. Иницијативата за потпишување на колективните договори е започната, односно Предлог-текстот на колективните договори од сите јавни универзитети се доставени до Собранието на Република Северна Македонија многу пред распишување на Парламентарните и Претседателските избори, па како синдикални претставници сметаме дека неоправдано и не по наша вина тие не се потпишани со основачот - Собранието. Бараме во најкус можен рок прием кај претседателот на Владата Талат Џафери за да го запознаеме  со нашата состојба. Доколку не бидат испочитувани нашите легитимни барања, како синдикати на петте јавни универзитети ќе мора да постапиме според начелата на синдикалното организирање, преку преземање на сите законски средства што ни стојат на располагање, вклучувајќи во крајна цел и јавен протест, пишува во заедничкото соопштение на синдикалните претставници. 

Тие ја  повикуваат и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како што велат, „активно да се вклучи во решавање на овој проблем, бидејќи на овој начин се кршат основните темелни вредности и уставното начело на еднаквост и недискриминација на граѓаните“. хс/са/ 

Фото: МИА архива 

Остани поврзан