• недела, 22 декември 2024

Реакција на Платформата на граѓански организации за борба против корупција за итните законски измени за прекин на мандатите на независните државни комисии

Реакција на Платформата на граѓански организации за борба против корупција за итните законски измени за прекин на мандатите на независните државни комисии

Скопје, 11 октомври 2024

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата остро реагира на изгласаните измени и дополнувања, како и на предлозите за нови измени на законите со кои што предвреме се прекинува мандатот на членовите и на претседателите на независни и самостојни државни органи, Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН), Комисијата за заштита на конкуренцијата и второстепената Државната комисија за одлучување во управна постапка.

Престанокот на мандатите на претседателите и на членовите на овие комисии пред истекот, се прави со итни законски измени, предложени од група пратеници, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.

Со оглед на тоа што фокусот на овие законски измени е токму на составот и изборот на членови на независни институции, се стекнува впечаток дека целта на измените е да се изберат нови состави на овие комисии по мерка на новата власт. Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите.

Платформата укажува дека резултатите од работењето на овие комисии можат и треба да бидат предмет на јавна дискусија и да водат кон барање на решенија за унапредување на нивното работење, но не и да претставуваат основа за брзи, партиски и груби интервенции за засилување на политичката концентрација на моќ и влијание.

Оттука, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара од пратениците  да не ги гласаат предложените измени на Законот за јавни набавки и да се отвори широка јавна расправа во која темелно и непартиски ќе се бараат решенија за подобрување на работењето на овие и на другите независни институции.

Платформа на граѓански организации за борба против корупција

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

 

Остани поврзан