• среда, 25 декември 2024

Рациново признание за Фросина Пармаковска

Рациново признание за Фросина Пармаковска

Скопје, 23 јуни 2024

Почитувани,

Со задоволство ве информираме дека Фросина Пармаковска со романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е добитничка на Рациновото признание за 2024 година. Наградата ѝ беше врачена на 19 јуни на свеченото отворање на 61 издание на Рацинови средби во Спомен-костурницата во Велес.

Одлуката за наградата во конкуренција од 25 книги ја донесе жирито во состав: Светлана Петрова Џамбазова (претседателката) и Маја Апостоловска и Јасминка Делова Сељанова (членки).

Во образложението на одлуката за наградениот роман меѓудругото стои:

„Ова е дело коешто го користи навидум индуктивниот метод, поаѓајќи од ликовите нѐ запознава со основните развојни линии на приказната, пополнувајќи ја секојпат со новина за главниот лик Иван и за неговото најтесно (пријателско и роднинско) опкружување. На тој начин авторката создава една сложена структура на ликови, односи, релации, настани, давајќи ни детали и за другите ликови, но секогаш враќајќи го фокусот на нарацијата токму на главниот лик и на неговите интимни чувствувања, размисли, расположби и стравови, со коишто не е секогаш во состојба да се соочи и запаѓа во меланхолични до депресивни кризни состојби.

          Авторката го прифаќа предизвикот низ објективни истражувачки постапки да дојде до свои сопствени сознанија, прекршени низ призмата на својот сеизмографски прецизен сензибилен капацитет и да проговори топлочовечки, раскажувачки вешто за депресивните нарушувања сѐ поприсутни кај човекот денеска, за аферата на украдените бебиња во поранешна Југославија, за којашто многу се пишувало и се истражувало години по случувањата, за прашањата коишто го мачат човекот денеска шекспировски можеби, но и онтолошки, гносеолошки, теолошки, песимистички, оптимистички, реални, магични и магиски... сугерирајќи ни повеќестран приод кон суштинското во приказната.“

Романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ е во издание на издавачката куќа Или-Или како книга бр. 226 во едицијата ПРОаЗА.

Срдечно,

Или-Или

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Или-Или

 

Остани поврзан