Расчистен случајот кога двајца браќа беа повредени при обид да разделат лица во тепачка пред фитнес клуб во Чаир
- Полицијата го расчистила случајот од 1 јуни кога двајца браќа кои се обиделе да разделат три лица кои физички се пресметувале биле нападнати со остар предмет. Случајот е квалификуван како убиство во обид за што се поднесени кривични пријави против три лица. На едно од нив му е одредена мерка притвор, а на две мерка куќен притвор.
Скопје, 5 јуни 2025 (МИА) - Полицијата го расчистила случајот од 1 јуни кога двајца браќа кои се обиделе да разделат три лица кои физички се пресметувале биле нападнати со остар предмет. Случајот е квалификуван како убиство во обид за што се поднесени кривични пријави против три лица. На едно од нив му е одредена мерка притвор, а на две мерка куќен притвор.
Како што информираат од МВР, СВР Скопје – Единица за насилен криминал поднел кривична пријава против Г.А.(33) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“ во обид по член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик и против Б.С.(35) и А.С.(40), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по член 24 во врска со кривично дело „убиство“ во обид по член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
-Имено, на 01.06.2025 во 22:00 часот во СВР Скопје, од Градска општа болница „Св.Наум Охридски“ е пријавено дека кај нив со убодни рани е донесен И.А.(38) од Скопје. Според пријавеното, околу 21:45 часот пред фитнес клуб на подрачјето на Чаир во Скопје, тој и неговиот брат А.А.(32) се обиделе да разделат три лица кои физички се пресметувале, при што биле нападнати со остар предмет. Притоа, и А.А.(32) се здобил со убодни рани и бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде му била укажана помош. Во врска со настанот, подоцна во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ Скопје на преглед се јавил и Б.Р.(25) од Скопје, појаснуваат од МВР.
По преземени мерки и активности и обезбедени докази, утврдено било дека пријавените го сториле делото, по што на 3 јуни се лишени од слобода од полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје.
Во координација со јавен обвинител е поднесена пријавата, а од судија на претходна постапка на Г.А. му е одредена мерка притвор од 30 дена, а на Б.С. и А.С. им е определена мерка домашен притвор од 30 дена. сст/дма/
Фото: МИА архива