Раствор со оцет за лесно чистење на туш-кабината
- Белиот оцет е едно од најделотворните и најприфатливи решенија за кристално чисто стакло во бањата.
![Раствор со оцет за лесно чистење на туш-кабината](https://mia.mk/images/20250210130223_big_730x400_7.webp )
Лондон, 10 февруари 2025 (МИА) - Водните дамки на стаклото на туш-кабината се здодевна обврска за многумина. Новиот популарен начин за нивно чистење е - раствор со бел оцет.
Стручњаците од „Пламворлд“ (Plumbworld) - британска компанија којашто нуди опрема за бањи, велат оти многу луѓе занемаруваат една кујнска секојдневна намирница што може веднаш да навлезе во нечистотиите и да ги разложи. Имено - белиот оцет, којшто содржи оцетна киселина, е еколошка алтернатива на грубите хемикалии, бидејќи е неотровен. А, може и да заштеди пари, во споредба со хемиските средства за чистење.
Според „Пламворлд“, белиот оцет е едно од најделотворните и најприфатливи решенија за кристално чисто стакло во бањата. Неговата природна киселост ги отстранува дамките од вода без да ги оштети површините.
Како се добива растворот? Се мешаат еднакви количини бел оцет и топла вода во шише со распрскувач. Може да се додаде и една лажица сапун за садови. Потоа, се премачкува стаклото од туш-кабината - рамномерно, насекаде. Растворот треба да отстои пет до 10 минути, за да ги разбие тврдокорните дамки, пред да се избрише и измие.
Нечистотијата се брише со крпа од микрофибер или сунѓер за нежно триење на стаклото. На крајот, површината се плакне со топла вода и се поминува со сува крпа. си/рп/
Фото: Фрипик