Распишан конкурс во Македонска Каменица за доделување на 20 стипендии за талентирани ученици и студенти за учебната 2025/2026
- Општина Македонска Каменица распиша Конкурс за доделување 20 стипендии за талентирани ученици од основното и средното образование, како и за талентирани студенти на државните универзитети за учебната 2025/2026 година.
Македонска Каменица, 17 ноември 2025 (МИА) - Општина Македонска Каменица распиша Конкурс за доделување 20 стипендии за талентирани ученици од основното и средното образование, како и за талентирани студенти на државните универзитети за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат ученици и студенти кои се жители на Општина Македонска Каменица, не користат други стипендии или финансиска поддршка и се редовни ученици или студенти. Учениците од основното образование треба да бидат запишани во VIII или IX одделение, додека средношколците во II, III или IV година. Студентите можат да аплицираат од втора студиска година.
Критериумите за доделување на стипендиите предвидуваат бодирање според остварен успех, број на изостаноци, освоени награди на натпревари, учество во слободни активности и објавени трудови. За студентите дополнително се зема предвид и просечниот успех во претходната учебна година, награди од државни и меѓународни натпревари и учество во општествени иницијативи.
Стипендијата изнесува 3.000 денари месечно, во траење од 10 месеци.
Потребната документација може да се симне од официјалната веб-страница на Општината. Пријавите се поднесуваат во Архивата на Општина Македонска Каменица или по пошта на адреса ул. „Каменичка“ бр. 2. Конкурсот трае 15 дена од денот на објавувањето.
Ненавремени и некомплетни пријави нема да се разгледуваат. Ранг-листата со избраните кандидати ќе биде јавно објавена на веб-страницата на Општината. вс/ра
Фото: МИА архива