Раната превенција од пожари-тема на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Делчево
- Општинскиот штаб за заштита и спасување апелира на засилена координација, поголема подготвеност и одговорност од граѓаните поради зголемениот ризик од шумски пожари
Делчево, 26 март 2026 (МИА) – Раната превенција од пожари на отворен простор беше во фокусот на денешниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Делчево, на кој надлежните институции ги презентираа анализите за состојбата со пожарите и подготвеноста за справување со нив.
На состанокот беа разгледани податоци од минатогодишната состојба, оперативните планови за заштита и спасување, како и состојбата со човечките ресурси и материјално-техничката опременост на службите задолжени за заштита од пожари.
Градоначалникот Иван Гоцевски, кој претседава со Штабот, истакна дека ова тело има клучна улога во превенцијата, особено во периоди кога ризикот од шумски пожари е зголемен.
– Анализите од претходните години ја потврдуваат сериозноста на пожарите на отворено, што наметнува потреба од континуирана будност и преземање превентивни мерки. Потребна е засилена координација меѓу институциите, зголемена подготвеност на противпожарните служби и навремена реакција со цел заштита на граѓаните, имотот и природата, изјави Гоцевски.
Тој додаде дека преку заедничка работа со Територијалната противпожарна единица, јавните претпријатија и другите служби се создава систем за навремена реакција, при што упати апел до граѓаните за поголема внимателност и одговорност.
На состанокот беше нагласено дека ефикасен систем за рано предупредување и превенција е клучен за намалување на последиците од пожарите, особено во ридско-планинските предели каде тие брзо се шират. Раното откривање и информирање овозможуваат побрза мобилизација и подобра координација на ресурсите.
Според податоците на ЈП „Национални шуми“ – Подружница „Голак“ Делчево, во периодот од 2004 до 2025 година се евидентирани 109 шумски пожари, при што се опожарени 4.132,77 хектари шумска површина и уништени 316.257 кубни метри дрвна маса, со проценета директна материјална штета од над 2,6 милијарди денари.
Дополнително, анализата на Центарот за управување со кризи – Делчево покажува дека во периодот од 2012 до 2025 година се регистрирани вкупно 384 пожари на отворен простор, кои најчесто започнуваат во февруари и траат до октомври.
Заклучоците од состанокот ќе бидат дополнително објавени на општинската веб страница. вс/ев/
Фото: МИА