• понеделник, 23 декември 2024

Рама: Не барајте Кинези, Руси, Марсовци зад Отворен Балкан

Рама: Не барајте Кинези, Руси, Марсовци зад Отворен Балкан

Подгорица, 27 февруари 2023 (МИА) - Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека денеска, премиерот на Црна Гора во технички мандат, Дритан Абазовиќ, изразил намера да организира неформален самит на иницијативата Отворен Балкан во Црна Гора во јуни годинава, и оцени дека оваа иницијатива е „неопходна и комплементарна“ на Берлинскиот процес.

- Му благодарам на Абазовиќ за изразената желба да го организира Самитот Отворен Балкан во јуни во Црна Гора, имајќи предвид дека Берлинскиот процес ќе има самит во Тирана на почетокот на есента. Тврдам дека Отворен Балкан е неопходен за да го заживее ритамот на сите вредности и барања што произлегуваат од Берлинскиот процес, изјави Рама пред новинарите по формалната седница на двете влади во Подгорица.

На свечената седница беа потпишани повеќе меѓудржавни договори и меморандуми за соработка во областа на инфраструктурата, енергетиката, рибарството, заштитата на растенијата, социјалната заштита, спортот, културата и медиумите, одбраната и здравството.

Албанскиот премиер е на мислење дека иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес се „комплементарни и неопходни еден на друг“.

- Не можеме да бидеме задоволни само со лидерството на Берлинскиот процес, туку треба да ги ставиме на располагање нашите сили за да ги заживееме идеите кои се основата на таа иницијатива, рече Рама.

Албанскиот премиер порача дека зад иницијативата Отворен Балкан не треба да се бара „скриената рака“ на Кина, Русија или Германија.

- Не барајте Кинези, Руси, Марсовци, па дури и Германци зад таа иницијатива. Отворен Балкан е наша иницијатива за заживување и спроведување на принципите и целите на Берлинскиот процес. Секој што сака да види Кинези, Руси, Марсовци во овој процес е слободен да ги види, рече Рама.

Премиерот на Црна Гора Абазовиќ оцени дека Отворениот Балкан го „оживеа“ Берлинскиот процес.

- Добро е што го оживеа, ги усвоивме договорите. Црна Гора ги усвои и се надевам дека ќе бидат ратификувани на следната владина седница. Планираме да организираме некоја неформална средба во јуни. Тоа не е класичен состанок на Отворен Балкан, туку во контекст на регионалната соработка, рече Абазовиќ. - Идејата што му ја претставив на Рама е дека, доколку дозволат политичките околности, наскоро би можеле да организираме неформален состанок на кој ќе се обидеме да ги доведеме сите лидери од Западен Балкан да се создаде атмосфера како што имавме денеска. Интерес на нашата земја е да има поголема хармонија во соседството, додаде Абазовиќ. ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан