• недела, 22 декември 2024

Рама: Заканите по стабилноста во Северна Македонија и Црна Гора опасни и неприфатливи

Рама: Заканите по стабилноста во Северна Македонија и Црна Гора опасни и неприфатливи

Тирана, 21 август 2023 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама, реагираше по изјавата на министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, во врска со Северна Македонија и Црна Гора, оценувајќи при тоа дека „заканите по стабилноста на двете соседни земји се неприфатливи и многу опасни“, јавија албанските медиуми.

Рама ги нарекува „многу опасни“ и „неприфатливи“ изјавите на Вучевиќ за српските медиуми, за кои рекол дека Северна Македонија и Црна Гора „нема да бидат мирни“ иако се дел од НАТО.

-Заканите против стабилноста и интегритетот на Северна Македонија и Црна Гора се многу опасни и неприфатливи. Да не заборавиме дека Албанија, Северна Македонија и Црна Гора се сојузници на НАТО, целосно посветени на безбедноста и територијалниот интегритет на едни со други, пишува Рама.

Вучевиќ го изразил своето незадоволство од двете држави  поради признавањето на независноста на Косово на што Рама во реакцијата му порачува дека двете земји и Северна Македонија и Црна Гора се дел од НАТО и додава дека  иднината на регионот е Голема Европа.

-Во последната деценија во овој регион го постигнавме она што никој не можеше да го замисли со децении претходно и не можеме и нема да дозволиме некој да не влече назад во минатото кое го оставивме зад нас засекогаш! Заедно! Голема Европа е нашата единствена иднина, напиша Рама.

Во изјава за медиумите, Вучевиќ уште додал дека Северна Македонија и Црна Гора „се мешале во внатрешните работи на Србија“ со признавањето на Косово.

-Направија грешка која повторно ќе ги прогонува, како што ги прогонува сите во случајот со Украина, кои го промовирааа Косово како независна држава. Тие ја отворија Пандорината кутија, рекол Вучевиќ. вт/нд/

Остани поврзан