• недела, 22 декември 2024

Разрешување во Филхармонија, Министерството со забелешки за работењето, Иванова смета дека е поради непослушност 

Разрешување во Филхармонија, Министерството со забелешки за работењето, Иванова смета дека е поради непослушност 

Скопје, 14 септември 2023 (МИА) - Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска донесе одлука за разрешување на директорката Тина Иванова по извештајот од извршениот увид на Комисија од Министерството за култура, на 6 септември 2023 година, во документацијата на НУ Национална филхармонија и констатираните бројни законски повреди и неусогласености во работењето, информираа денеска од ресорното Министерство.

-Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор, велат  од Министерството за култура и додаваат дека е „скандалозно и запрепастувачки да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија“.

Низ овие активности, посочуваат, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, поради што министерката Костадиновска-Стојчевска донела одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија.

-Потенцираме дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата. За в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата. Министерството за култура ги отфрла сите инсинуации на досегашната директорка на Филхармонија, Тина Иванова, како целосно произволни, неточни и најблаго речено, невистинити. Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и, како врвна национална установа, мора да биде водена професионално, велат од Министерството за култура.

Во јавно обраќање Тина Иванова вели дека не е разрешена од функцијата директор поради несовесно работење како што е наведено во дописот од страна на министерката.

-Единствената причина за разрешувањето е фактот што како директорка, на грешната и неодржлива одлука на министерката, застанав на страната на колективот и на страната на институцијата. Разрешена сум вчера, а не пролетоска кога оркестарот на Филхармонијата и вработените го изразуваа револтот, затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет се до вчера ги испраќаше во Филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот вчерашен чин, инспекциите не беа во можност да и го испорачаат од неа бараниот материјал и не утврдија никакви неправилности во моето и работењето на работењето и на институцијата, вели Иванова.

Таа во реакцијата за разрешувањето наведува дека „Трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерството за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници, вработени во Министерството за култура, станале редовни посетители во нашата институција и се праќаа дури и по неколку пати за да „копаат“ работи кои не постојат единствено затоа што немаше, а и се уште нема, храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност“.

Нагласува дека резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој кој е заинтересиран може да види дека „работата е прилично јасна и чиста“.

-Со ова разрешување и со начинот на кој тоа е направено, Министерството за култура, се разбира актуелната министерка, само ми потврди дека во моментот кога како директор на Македонската филхармонија одлучив да застанам на страна на мојот колектив, го направив, вистинскиот потег. Јавно изјавувам дека се уште цврсто стојам на својот тогашен став, и уште еднаш и со ова јавно обраќање, ја потврдувам својата поддршка кон оркестарот, колективот, целата институција од каде што всушност, на јавен конкурс, и бев избрана на одговорната работна работната позиција директор, посочува Иванова и додава дека разрешувањето на некој начин „и претставува и растоварување од континуираниот мобинг зашто сите тие притисоци, навреди, обиди за понижувања, се нешто неразбирливо за мојот урбан културолошки карактер“.вј/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан