• понеделник, 23 декември 2024

Разговор со Билјана С. Црвенковска како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“

Разговор со Билјана С. Црвенковска како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Во спомен-собата „Т’га за југ“ во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, денеска ќе се одржи разговор со Билјана С. Црвенковска, авторка на книгата „Девет приказни за госпоѓица Сит “, книга за месец октомври во Градската библиотека. Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, уредничка и преведувачка, магистер по филозофски науки. Главен уредник е во издавачката куќа „Чудна шума“, како и во истоименото е-списание за деца. Пишува книги за деца и млади, но и проза, поезија и сценарија за ТВ и анимирани серии. Има напишано повеќе романи за деца, меѓу кои: „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ и наградуваниот „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“. Автор е на сликовниците и сценаријата од серијалот „Светот на Биби“, како и на наградуваната сликовница „Невидливата куќа“, илустрирана од Ване Костуранов. Има добиено повеќе награди и признанија за нејзините романи и сликовници, меѓу кои и наградата „Ванчо Николески“ која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за книгата „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ за 2020 година. Со нејзините два романи за возрасни, „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и „Куќа над брановите“, влезе во најтесен избор за наградата Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“. Црвенковска е креатор и автор на сценаријата за анимираните филмови од серијалот „Светот на Биби”, а еден од сценаристите е и на сериите за деца „Пет Плус фамилија” и „Зоки Поки”. Нејзините книги и раскази се преведени на српски, англиски, француски, германски, украински, албански, руски, словенечки, полски, турски, хрватски и чешки јазик. Разговорот со Билјана С. Црвенковска ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од книгата ќе чита актерката Ива Милчова. - Кампањата „Читаме современи македонски автори“ има за цел да ги доближи делата на нашите современици до нашите читатели. Читањето на домашните автори значи поддршка за нивното творештво, за македонското издаваштво и за македонскиот јазик, соопштија од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.см/мд/  

Остани поврзан