• понеделник, 23 декември 2024

Работна средба на Спасовски во Букурешт со Серкант Акин, директор на СЕЛЕК

Работна средба на Спасовски во Букурешт со Серкант Акин, директор на СЕЛЕК
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во рамки на официјалната посета на Романија, денеска оствари работна средба со директорот на Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа – СЕЛЕК, Огуз Серкант Акин, чие седиште е во Букурешт, а во кој покрај Северна Македонија и Романија, членуваат уште 10 други земји. На средбата била истакната значајноста на Центарот за спроведување на законот на Југоисточна Европа како оперативна организација која ја олеснува брзата размена на информации меѓу агенциите за спроведување на законот од земјите членки во областите на прекуграничен криминал. Од особена важност, се наведува во соопштението од МВР, е тоа што СЕЛЕК ги става на едно место ресурсите од дванаесетте земји членки, за остварување на својата главна функција, односно борбата против организираниот и сериозен криминал во Југоисточна Европа и пошироко. Министерот Спасовски упатил изрази на целосна и безрезервна поддршка на МВР во активностите на СЕЛЕК како меѓународен партнер во делот на имплементација на повеќе проекти финансирани од страна на ЕУ, САД, Велика Британија, како и меѓународните организации ООН, Европол, Интерпол, УНДП, ИОМ и други. Изразил задоволство што како потврда за конструктивниот пристап е и фактот што Северна Македонија е присутна во раководството на СЕЛЕК со една директорска позиција. - Во таа насока, во периодот од 2020-2022 година, и покрај светската пандемија предизвикана од корона вирусот, надлежните служби во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија со останатите земји членки на СЕЛЕК и другите партнери разменија над  4000 оперативни информации, одржаа повеќе од 40 оперативни состаноци, а отворени се повеќе од 25 заеднички истраги, при што реализирани се повеќе од 15 заеднички истраги, додека останатите се во процес на реализација. Притоа, за време на разговорите беше посочено дека најголем дел од разменетите оперативни информации се од областа на недозволената трговија со дрога, а потоа и илегалната миграција и трговија со луѓе, финансиски криминал, компјутерски криминал, потраги по лица итн, се наведува во соопштението од МВР. Токму како резултат на заедничката соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, истакнал министерот Спасовски, во заедничка истрага врз основа на податоци споделени токму преку каналот СЕЛЕК, кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, била реализирана заплена на еден тон 105 килограми прекурсори на дрога, користени во производството на амфетамин-метамфетамин, чија вредност е проценета на повеќе од 50 милиони евра. - Притоа, станува збор за најголема заплена на супстанца за производство на синтетичка дрога во регионот на Југоисточна Европа, како и најголема заплена реализирана досега во рамки на СЕЛЕК, посочуваат од МВР. цр/дма/

Остани поврзан