• недела, 22 декември 2024

Работна средба на претседателот на Уставниот суд Костадиновски со соработници на Федералниот суд на Германија

Работна средба на претседателот на Уставниот суд Костадиновски со соработници на Федералниот суд на Германија

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева денеска оствариле работна средба со експерти-соработници на Федералниот Уставен суд на СР Германија. 

Во фокус на средбата, како што соопштија од Судот, биле темите за надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, актуелностите поврзани со работењето на Судот, како и новите одредби од Актот со кои се интервенира во начинот на работењето и обраќањето до Уставниот суд. Претставниците од СР Германија покажале интерес за начинот на којшто се избираат уставни судии, за водењето на постапките и процедурата на решавање на предметите. 

На средбата биле разменети искуства од богатата уставно-судска пракса на Судот во СР Германија за заштитата на човековите права и правните механизми, како што е уставната тужба. 

Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски ги информирал за приоритетите во неговиот мандат, со акцент на потребата од донесување на двотретински закон за Уставен суд, со што ќе се овозможи поголема самостојност и независност на Судот, воведување на уставна тужба и поголема транспарентност. Костадиновски ја истакнал досегашната успешна соработка со реализираните проекти преку германската амбасада во земјава и меѓународните организации предводени од германски експерти. 

Делегацијата од СР Германија е во состав од 25 судии, обвинители,проценители, советници кои се ангажирани како надворешни соработници на Федералниот Уставен суд, меѓу нив и ценетиот експерт за владеење на правото, Рајнхард Прибе. дма/нд/

Фото: Уставен суд

Остани поврзан