• четврток, 21 ноември 2024

Работилница со аниматорите кои работеа на првиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски

Работилница со аниматорите кои работеа на првиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Во просториите на ЕУ хаус денеска во рамките на МФФ Киненова се одржа работилница со аниматорите кои работеа на првиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, со кој синоќа беше отворен фестивалот.

Филип Трајковски, Берта Милевска, Сара Петковска и Горан Менков говореа за процесот на создавање на едно долгометражно анимирано дело. Рекоа дека секој од нив во одреден дел од процесот се вклучил во работата и дека биле мошне мал тим, во однос на работата која требало да се заврши.

-Се корегираа во од некои работи, но се одеше по сценарио, поделено по кадри, по панели и се опишува текстуално, а потоа сликовито се презентира за аниматорите да продолжат со анимација, го објасни процесот на работа Трајковски.
И тие самите синоќа за прв пат го гледаа на големо платно целиот филм и среќни се и задоволни од сработеното. Велат дека последната година вложиле најголем напор да се доврши филмот. Се додавала и музика и дополнителни ефекти, но појаснија и дека гласовите прво се снимаат за потоа тие да можат да анимираат уста и движења со устата.
-Овде е обратен процесот. За ние да анимираме, уста говорење, па и акција ни требаат гласови. Тие се снимени во 2020 година. Го добиваме звукот и одредени букви се ставаат во устата на ликовите и мислам прилично добро успеавме да го реализираме, рече Сара Петковска.

Раскажаа и за предизвиците, некои кадри се работеле заедно, не се спојувале, некои од нив токму тогаш го учеле програмот за работа, но почнала ковид пандемијата па морале од дома да работат и секој сам да се снаоѓа со програмот.
-Тоа беше многу тежок период. Има еден кадар во филмот кога ликовите прават „смир смир“ не можам да го погледнам зошто сум го работел во тој период и безброј пати. Штом кадарот влегол во 98-ма верзија, значи е од тие кадри кои ни биле предизвик, рече Горан Менков.

Во однос на слободата во креациите раскажаа интересни детали од миговите кога работеле во канцеларија, која, како што рекоа, ја делат со други луѓе кои се од бизнис сферата, сосема друг свет.

-Имаме едно големо стакло кое го користиме како огледало за да глумиме или си рецитираме на него и со тоа си помагаме во креацијата, а во ходник поминуваат луѓе во костуми кои работат трговија, увоз-извоз..., но имаше денови кога и самите тие сакаа да го прават тоа. Ние игравме танго, летавме на бродот, а тие доаѓаа не гледаа додека работиме и не поддржуваа..., истакна Филип Трајковски.

Покрај тоа што филмот е прв македонски долгометражен анимиран филм тој е и најголемиот копродукциски проект во регионов, во кој учествуваат: Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска. дма/

Фото: МФФ Киненова 


 

 

Остани поврзан