• понеделник, 23 декември 2024

Путин пристигна во Северна Кореја

Путин пристигна во Северна Кореја

Пјонгјанг, 18 јуни 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во посета на Северна Кореја откако изјави дека двете земји сакаат да воспостават блиска соработка за справување со американските санкции во услови на ескалација на конфронтациите со Вашингтон, јавија светските агенции, повикувајќи се на руски медиуми.

Според агенциите, Путин на аеродромот во Пјонгјанг го пречекал севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Путин, кој е во прва посета на Северна Кореја по 24 години, во коментарите објавени од руските државни медиуми неколку часа пред неговото пристигнување, рече дека ја почитува цврстата поддршка на Северот за неговите воени дејствија во Украина.

Според неговите зборови, двете земји ќе продолжат „одлучно да се спротивставуваат“ на амбициите на Западот „да го попречува воспоставувањето на мултиполарен светски поредок заснован на правда, взаемно почитување на суверенитетот и взаемно почитување на интересите“.

Посетата на Путин доаѓа во време на зголемена загриженост за договорот за размена на оружје, при што Пјонгјанг ѝ ја дава на Москва потребната муниција за руската војна во Украина во замена за економска помош и трансфер на технологија што ќе ја зајакне заканата од нуклеарно оружје и ракетната програма на Ким.

Во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, улиците се украсени со портрети на Путин и руски знамиња. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан