• недела, 22 декември 2024

Путин: Односите меѓу Русија и ОАЕ достигнаа невидено високо ниво

Путин: Односите меѓу Русија и ОАЕ достигнаа невидено високо ниво

Абу Даби, 6 декември 2023 (МИА) - Односите меѓу Русија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) достигнаа невидено високо ниво, изјави денеска во Абу Даби рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата со претседателот на оваа блискоисточна земја Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, пренесоа руските медиуми.

-Денес, благодарение на вашата позиција, нашите односи достигнаа невидено високо ниво. Ние сме во постојан контакт, а нашите колеги постојано работат едни со други. Обединетите Арапски Емирати се главниот трговски партнер на Русија во арапскиот свет, нагласи рускиот лидер.

Путин рече дека минатата година трговската размена меѓу Русија и ОАЕ се зголемила за повеќе од 67 отсто, а во 2023 година би можела уште повеќе да се зголеми. Тој го истакна растот на инвестициите и индустриската соработка и посочи дека двете страни реализираат проекти во секторот на нафтената и гасната индустрија и работат на создавање нови производствени капацитети во ОАЕ и во Русија.

Планирано е Путин и Ал Нахјан да разговараат за состојбата и перспективите за понатамошен развој на соработката меѓу двете земји, а на дневен ред ќе бидат и актуелните меѓународни прашања со акцент на состојбата во регионот на Блискиот Исток.

Рускиот лидер е придружуван од голема делегација, во која се министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, првиот потпретседател на Владата на Руската Федерација Андреј Белоусов, шефот на Министерството за индустрија и трговија Денис Мантуров, вицепремиерот Александар Новак, директорот на Централната банка Елвира Набиулина, шефот на Роскосмос Јуриј Борисов, шефот на Росатом Алексеј Лихачев и директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ) Кирил Дмитриев.

По разговорите во Абу Даби, Путин ќе замине за Ријад, каде се очекува да се сретне со престолонаследникот и претседател на Советот на министри на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман Ал Сауд. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан