Путин му го честиташе НХЛ рекордот на Овечкин
- Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на својот сонародник Александар Овечкин, кој во неделата стана најдобар стрелец во историјата на северноамериканската национална хокеарска лига (НХЛ).

Москва, 7 април 2025 (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на својот сонародник Александар Овечкин, кој во неделата стана најдобар стрелец во историјата на северноамериканската национална хокеарска лига (НХЛ).
„Ги надминавте легендарните мајстори според бројот на постигнати голови на натпреварите во регуларниот дел од сезоната во НХЛ. Освоивте светски и национални турнири, и многу други големи, уникатни достигнувања кои влегоа во аналите на националната хокеарска школа. Без сомнение, ова достигнување стана не само ваш личен успех, туку и вистинска прослава за навивачите во Русија и во странство“, истакна во честитката Путин.
Овечкин во неделата стана најдобар стрелец во историјата на НХЛ, откако го постигна својот 895. гол за Вашингтон во дуелот против Њујорк.
Со тој гол, Овечкин го собори рекордот на легендарниот Канаѓанец Вејн Грецки, кој сè уште е рекордер по бројот на поени (голови + асистенции), со 2.857.
Роден во Москва, 39-годишниот Овечкин кариера ја започна во московскиот клуб Динамо, а во 2004 година беше избран како прв пик на драфтот од Вашингтон со кој во 2018 година го освои Стенли купот. ег
ФОТО: Икс