Путин и Си Џинпинг разговараа за најновите руско-американски контакти
- Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг за најновите руско-американски контакти, соопшти денеска помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка што се одржува во кинескиот град Тјенџин.
Тјенџин, 31 август 2025 (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг за најновите руско-американски контакти, соопшти денеска помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка што се одржува во кинескиот град Тјенџин.
- Да, нашиот претседател, пред сè, многу детално комуницираше, секако, со претседателот на Народна Република Кина. Седеа заедно и можеа активно и многу ефикасно да разговараат. Вклучувајќи, како што ми кажа нашиот претседател, и за најновите контакти со Американците, рече Ушаков.
Претходно денеска, поздравувајќи ги учесниците на самитот, кинескиот претседател изрази уверување дека со заеднички напори на сите страни самитот ќе биде целосен успех и оти Шангајската организација за соработка сигурно ќе одигра уште поголема улога и ќе постигне поголем напредок.
Кинескиот претседател Си Џинпинг претходно се сретна и со премиерот на Ерменија, Никол Пашињан, и двајцата лидери најавија воспоставување стратешко партнерство.
Двете страни потпишаа заедничка изјава за воспоставување стратешко партнерство и неколку договори за соработка во областите на пазарен надзор, медиуми и други сектори.
Си Џинпинг истакна дека пријателството меѓу Кина и Ерменија има долга традиција и дека во текот на 33 години дипломатски односи е во постојан раст, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи. Си нагласи дека воспоставувањето стратешко партнерство е значаен момент во историјата на билатералните односи и дека двете страни ќе работат на продлабочување на соработката во различни области. јт/
Фото: ЕПА