• четврток, 25 јули 2024

Психолози од кумановската болница почнуваат интерактивни работилници со средношколците на тема „Ментално здравје“

Психолози од кумановската болница почнуваат интерактивни работилници со средношколците на тема „Ментално здравје“
Куманово,1 ноември 2022 (МИА) - Психолози од јавната здравствена установа, општа болница Куманово почнуваат кампања со низа интерактивни работилници на тема „Ментално здравје“, соопштија денеска од болницата. Психолозите ќе ги посетат сите средни училишта во градот и со средношколците ќе разговараат за значењето на менталното здравје, како да се грижат, да израснат во здрави личности. Целта на оваа кампања, посветена на менталното здравје, е да им овозможи на младите навремено препознавање на психичките тешкотии и навремено да побараат стручна помош и поддршка. Психолозите велат дека постои стигма за посета на психолог во здравствени установи и токму поради тоа, нагласуваат, ние ќе ги посетиме младите во училиштата. - Свесни сме за значењето на физичкото здравје. Сепак, треба да се истакне дека менталното здравје е составен дел од физичкото односно важно е и двете да ги одржуваме во кондиција. Менталното здравје е еден од приоритетите на јавното здравје, бидејќи директно влијае на целокупното живеење, во однос на здравствена, социјална и економска смисла. Според согледувањата нашата младина се соочува со психо-емотивни тешкотии, дистонично однесување, абулија, безиницијативност, како и несоодветно однесување, а само минорен дел од нив се осмелува да побара психолошка помош. Ерата која наметнува низа асоцијални однесувања, вклучувајќи сајбер насилство, вербално и физичко насилство ги засега младите животи а наша должност е да се посветиме на целокупниот психофизички развој на младината за да може да ги развијат своите потенцијали, да бидат продуктивни и да придонесат на заедницата во која живеат, негувајќи позитивни вредности, изјави психолог м-р Биљана Ивановска. Според светската здравствена организација дефиниција за здравјето не е само отсуство на болест, туку е комплетна физичка, ментална и социјална благосостојба. - Оваа тема ги засега сите старосни граници, но еве ние се одлучивме да започнеме со работилници со таргет група средношколци, бидејќи тие најчесто применуваат потиснување на своите емоционални тешкотии а дел од нив посегнуваат по злоупотреба на психотропни супстанции и ризични сексуални односи, изјави психолог Анита Стоилковска. И покрај тоа што во светот 10 Октомври се одбележува како Интернационален ден на менталното здравје, грижата за менталното здравје е секојдневна, истакнуваат кумановските психолози. ам/цр/

Остани поврзан