Протест пред УЈП во Тетово, се бара сторнирање на решенија за данок на доход
- Пред Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (УЈП) во Тетово попладнево протест одржаа десетици граѓани кои на овој начин изразуваат револт поради издадените решенија на институцијата за плаќање данок на приход заработен во странска земја. Главните аргументи на оваа група на граѓани се дека тие биле 183 денови во странство и дека со тоа не се даночни резиденти.
Тетово, 27 јануари 2026 (МИА) - Пред Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи (УЈП) во Тетово попладнево протест одржаа десетици граѓани, кои на овој начин изразуваат револт поради издадените решенија на институцијата за плаќање данок на приход заработен во странска земја. Главните аргументи на оваа група граѓани се дека тие биле 183 дена во странство и дека со тоа не се даночни резиденти.
- Сите овие решенија што ни се издадени да се стопираат. Бидејќи сите ние имаме работено по шест, седум, осум месеци. Според член 5 од Законот за нерезидентоста, сите ние имаме докази дека сме плаќале данок таму. Сите докази што сме ги доставиле тие не ги прифаќаат. Второ, бараме одговорност од нивната страна бидејќи ова е по пет години. Бараме одговорност зошто тие навремено не нè известија. По толку време, нè известуваат, тоа значи во тесен рок од 15 дена пред Нова година. Немавме време ни да собереме документи, сите ние имаме рокови од 30 дена да го обжалиме ова решение - изјави Зоран Наковски.
На протестот на групата граѓани од Тетово денес им се приклучија неколкумина од Куманово, кои повеќепати протестираа во својот град и побараа директна средба со директорката на УЈП. По писмена преписка, групата од Куманово има договорено средба на нивни претставници со раководството на УЈП в петок во Скопје.
- Централната власт да ни помогне, Министерството за надворешни работи, конзулатите да ни обезбедат документација, Министерството за внатрешни работи да ни даде документација за влез/излез од државата, кои се наше уставно право да ги имаме ние тие податоци за да докажеме дек не сме биле во тој момент во државата - изјави Жикица Миланов од Куманово.
Според него, на средбата со раководството на УЈП ќе се бара издадените решенија да се сторнираат.
- Директорката си кажала на ТВ „Телма“ дека ние сме добиле решенијата 2021 година, ама граѓаните не си ги намириле тие решенија. Таа треба да докаже, ние ја демантиравме дека сме добиле такви решенија. Ние докази имаме дека такви решенија нема и луѓето што имаат вадено решенија подоцна, 2022, 2023, 2024, немаат никаков данок за плаќање по основ на плата, личен доход од странство - рече Миланов.
Управата за јавни приходи информира дека престојот во странство подолг од 183 дена не ја исклучува даночната резидентност. Воедно, обврската за пријавување и даночење на доход остварен од странство во согласност со Законот за данок на личниот доход не е нова законска мерка што би се применувала ретроактивно, а секој е должен да го пријави својот целокупен светски доход и да го даночи во согласност со законските прописи.ас/вј/
Фото: МИА