• недела, 22 декември 2024

Протест на активисти против користењето на британските бази во Кипар во војната во Газа и против Хутите

Протест на активисти против користењето на британските бази во Кипар во војната во Газа и против Хутите

Никозија, 14 јануари 2024 (МИА) - Околу 300 лица денеска протестираа на југот на Кипар против употребата на британските воени бази на овој остров во конфликтите во Газа и Јемен.

„Британски воени бази, заминувајте! Кипар е мост за мир и соработка меѓу народите“, гласеше транспарентот на Кипарскиот мировен совет (ЦPЦ), што ги организираше демонстрации пред базата на Кралските воздухопловни сили (РАФ) во Акротири, британска прекуокеанска територија уште од независноста на Кипар во 1960 година.

-Не можеме да прифатиме дека од Кипар сме вклучени во напади врз соседните народи и земји... Кипар мора да има неутрален статус, изјави претседателот на ЦПЦ, Тасос Костас.

Војната меѓу Израел и Хамас, која почна на 7 октомври откако палестинското исламистичко движење го нападна Израел од Појасот Газа, ги зголеми стравувањата од регионален конфликт.

Според еден сајт на активисти во Велика Британија, базата Акротири била појдовната точка за британските и американските летови за Израел, близок сојузник на Велика Британија и САД, за наводно испраќање воена опрема.

Костас и предал писмо на администрацијата на базата во кое бара прекин на вмешаноста на Кипар во војната во Газа, како и прекин на бомбардирањето во Јемен.

Четири борбени авиони Тајфун, распоредени на Кипар, учествуваа во британско-американските напади врз локациите на јеменските бунтовници Хути како одговор на нападите на тие бунтовници врз бродовите во Црвеното Море.

Неименуван портпарол на британското Министерство за одбрана неодамна изјави дека ниту еден британски авион за Израел не превезувал „смртоносен товар“.

Британските сили ја поддржуваат „испораката на хуманитарна помош за Газа“ и „испорачаа 87 тони британска и кипарска помош во Египет за жителите на Газа“, додаде тој. сд/

Остани поврзан