• недела, 24 ноември 2024

Протести за „Правда за Јана“ во Битола и Скопје

Протести за „Правда за Јана“ во Битола и Скопје

Битола, 29 март 2023 (МИА) - Битолчани вечерва на плоштадот „Магнолија“ одржаа мирен протест под мотото „Сите сме Јана“, девојчето кое неодамна за време на лекарски преглед почина во ЈЗУ Клиничка болница „Др Трифун Пановски“-Битола.

Протестот го организираа роднини и пријатели на семејствтото Христовски кои со транспаренти во рацете искажаа сочувство за прераната смрт на Јана Христовска но и јавно незадоволство за состојбите во македонското здравство.

-Ние неможеме назад да ја вратиме Јана, но сакаме колку што е можно повеќе да спасиме други дечиња да не ја доживеат истата судбина, истакна Игор Петковски на вечерашниот мирен протест во Битола.

Битолчани очекуваат резултати од обдукцијата, точна информација од стручните комисии, и порачаа дека ако е потребно нека се вклучат и странски експерти за утврдување на причините за смртта на Јана Христовска.

Истовремено протест се одржа и пред Министерството за здравство во Скопје, каде исто така беа побарани одговори за причините за смртта на Јана. мт/лв/

Фото: МИА

Пред Министерството за правда се одржа протест под мотото „Правда за Јана“

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - На протест пред Министерството за здравство вечерва беа побарани одговори за смртта на шестогодишната Јана која почина минатата недела во Клиничката болница во Битола. Учесниците на мирниот протест побараа, како што наведоа Правда за Јана“ и „одговорно Министерството за здравство“.

Порачаа дека е „доста од нефункционалноста, партизацијата, лошите услови во здравствениот систем и префрлањето вината кај пациентите“.- Тука сме затоа што бараме правда за секој обичен граѓанин. Мораме да бидеме слушнати. Смртта не доаѓа според закон, прописи и протоколи. Јана е од нешто отидена. Бараме да откриеме зошто е тоа така. Ако родителите велат дека детето било здраво, право, ако има некоја индикација дека имало претходни проблеми информирајте ја јавноста. Вака само се потресуваат луѓе. Тука доаѓаат и мајки коишто имаат и други здравствени проблеми и коишто шетаат низ истите лавиринти и не знаат што уште ќе им се случи, изјави Татјана Стојановска, граѓански активист.

Потребна е, додаде, здравствена сигурност и правда.

-Се чувствувам многу излажана во однос на сите реформи коишто беа ветени, за коишто сме се бореле, а не сме добиле ништо. Искрено ова место ме потсеќа токму на Тамара и знам како заврши сето тоа и не сакам да се случи истото со Јана. Затоа и ги поддржуваме битолчани. Се надевам дека ќе направат навистина добар протест, односно ќе дигнат глас да добијат одговор зошто и како ова се случува, порача Стојановска.

Според учесниците на протестот, има многу неодговорени прашања.

-Јас сум мајка на девојка со ретка болест која во државата една деценија е лечена и дијагностицирана со грешна дијагноза. Тука дојдов да дадам поддршка за родителите на Јана, не да ги обвиниме лекарите, туку да ја дознаеме вистината. Како настанала смрттта на ова девојче за само четири часа кое на нозе одело до болницата. Мене не ми е јасно јас имам неколку неодговорени прашања кои ме мачат неколку дена и сум крајно вознемирена и исплашена да однесам сега дете во државно здравство, рече во изјава за медиумите учесничка на протестот.

Организаторите претходно преку објава на социјалните мрежи ги повикаа граѓаните да се приклучат на протестот кој освен во Скопје се одржа и на плоштадот „Манголија" во Битола. 

Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаат дека девојчето не било соодветно третирано и велат дека и покрај покачениот шеќер во крвта, примало инфузија со гликоза по што шеќерот се покачил на 19.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека треба да се почекаат фактите од извештаите за да се утврди причината за смртта на шестгодишното девојче во битолската болница. 

- Во однос на тој случај вие знаете дека истиот ден кога се случи беше направен вонреден инспекциски надзор од страна на ДЗСИ. Беше информирано и Обвинителството и извештаите, како што информираше вчера заменичката министерка за здравство, веќе се доставени до Министерството за здравство. Врз основа на нив ќе се утврди точната причина што се има случено. Јас не би можел да прејудицирам што точно се има случено, бидејќи пред се не сум медицинско лице. Меѓутоа, врз основа на сите факти ќе бидат носени одлуки во иднина, но прво да почекаме да бидат споделени фактите за точно што се има случено во битолската болница,  рече Ковачевски на новинарско прашање.свс/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан