• среда, 29 јануари 2025

Протестен марш во Брисел на вработените во франкофонските училишта во Белгија  

Протестен марш во Брисел на вработените во франкофонските училишта во Белгија  

Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) - Околу 30.000 вработени во средните и основните училишта во Белгија во кои наставата се одвива на француски јазик денеска одржаа протестен марш низ улиците на Брисел под мотото „Образованието е право на сите и секого“. 

Протестниот марш се одржа во рамки на 48-часовен штрајк организиран во знак на протест против плановите за штедење и за реформи во образованието во регионите Валонија и Брисел. 

Маршот започна пред железничката станица „Брисел-Миди“, од каде демонстрантите минаа пред централите на двете владејачки партии во Валонија и Брисел, Реформското движење (МР) и Посветените (ЛЕ) и пред седиштето на Федерацијата Валонија-Брисел, завршувајќи на „Плоштадот на барикадите“, каде се одржа протестен собир на кој се обратија неколку синдикални претставници.   

Учесниците на маршот носеа транспаренти на кои главно беа испишани пораки против регионалната министерка за образование Валери Глатињи, меѓу кои и „Гла-гла-гла-тињи: Вашите мерки смрзнуваат“, „Глатињи, прекини со штетите или оди си“, „Валу, спакувај ги куферите, уморни сме од крварење“. 

Глатињи, од своја страна, претпладнево во гостување на белгискиот јавен радиодифузен сервис на француски јазик РТБФ, изјави дека е тажна поради тоа што учениците немаат настава и изрази жалење поради, според неа, неточните информации поврзани со реформите што се пласираат, веројатно со цел да се обезбеди поголема поддршка од наставниците. 

Штрајкот се организира како резултат на незадоволство на просветните работници од т.н. „Пакт за извонредност“, кој претставува сеопфатен пакет на реформи во образовниот систем што треба етапно да се спроведат до 2030 година, како и од новата процедура за евалуација на наставниците и намалувањето на средствата за техничкото и стручното образование.    

Во пресрет на штрајкот претседателите на двата главни синдикати на просветарите, Генералната конфедерација на јавните служби (ЦГСП) и Конфедерацијата на христијански синдикати - Образование (ЦСЦ-Е), Лук Тусен и Ролан Лаје викендов во заедничко интервју за весникот „Соар“ порачаа дека незадоволството во образовниот сектор датира уште од време на Ковид пандемијата, но оти состојбата е дополнително влошена со најавите за нови планови за штедење и за реформи со кои во прашање се доведуваат околу 500 работни места во училиштата.   

Четириесет и осум часовен штрајк продолжува и утре кога ќе бидат одржани повеќе протестни собири во Брисел и во градовите ширум Валонија.   

Последен пат 48-часовен штрајк во образованието во Белгија беше одржан во 1997 година по тогашната најава за отпуштање околу 2.800 просветни работници, при што наставата се одвиваше со прекини неколку месеци.  

Штрајковите на наставниците во Белгија зачестија во последниве месеци. Лани во ноември, еднодневен штрајк одржаа вработените во училиштата каде наставата се одвива на француски јазик, а претходно овој месец штрајкуваа и рекорден број просветни работници во Фландрија. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан