Промоција на романот „Јод“ од Снежана Младеновска-Анѓелков
- Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер од 19 часот ќе биде промовиран романот„Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков, издание на „Или-или“.

Скопје, 23 април 2025 (МИА) - Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер од 19 часот ќе биде промовиран романот„Јод“ од Снежана Младеновска Анѓелков, издание на „Или-или“.
Како што соопшти издавачката куќа, романот е „критика на современото општество, а истовремено и моќен глас во копнежот по чесност, вистинољубивост и праведност“.
-Романот што започнува како потрага по личните приказни на сезонските работници во Сплит, Република Хрватска, неочекувано го менува правецот во вивисекција на човештвото и соочување со болката од исчезнатите морални вредности. Во ослабена физичка, и дискутабилна ментална состојба, протагонистката низ едно деноноќие се соочува со неморалното и срамно однесување на поединците за кои вели дека се производ на разнишаните општествени столбови и се директна закана за опстанокот на човекот како разумно суштество, наведува „Или-или“ за романот кој на промоцијата ќе го претстават авторката и психологот/психотерапевт Марија Стефанова.
Снежана Младеновска Анѓелков (Скопје, 1977) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ-монтажа во 2000 година, а во 2012 магистрирала во оваа област. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и потоа имаше уште четири изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда.
-Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“. Застапена е во тематските збирки раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и „Скопски раскази“ (2023, Темплум), во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press, како и во хрватското списание за литература „Artikulacije“ (2023) и „Michigan Quarterly Review“ (Fall 2024) објавено од Универзитетот во Мичиген, САД, се наведува во соопштението. хс/лв/
Фото: Издавачка куќа „Или-или“