• петок, 22 ноември 2024

Промоција на романот „Вошицки“ од Марко Грегур

Промоција на романот „Вошицки“ од Марко Грегур
Скопје, 19 септември 2022 (МИА) - Во Младинскиот културен центар на 22 септември од 20 часот ќе се одржи промоција на романот „Вошицки“, добитник на наградите „Фриц“ и „Владимир Назор“ во 2020 година. Вошицки е роман за бескрајот на страдањето на човекот чии што книги останале како дел од вечноста. - Винко (Винценц) Вошицки, натурализиран Чех во Копривница во виорот на турбулентната историја на првата половина од дваесеттиот век го живее проклетството на печатарот, на оној што ја документирал историјата што секогаш и со голема сила го удирала и се обидувала да го уништи. Во неговиот животен пат, сјајно раскажан од Марко Грегур, ја препознаваме целата мачнина на политичките пресврти, го вскусуваме горчливиот вкус на трагичната вина на човекот чијашто благородност е епохална, стои во соопштението од МКЦ. Грегур во овој роман зборува за историските пресврти што немале милост кон човекот, кој од петни жили се обидувал да преживее во околности и ситуации полни со смрт и деструкција. Марко Грегур (Копривница, 1982) пишува поезија и проза. Ги објавил стихозбирката „Лирска графика“ (Публикации Церес, 2011) и збирките раскази „Пегличка во декември (ДХК, 2012) и „Убав ден за Дринкополи“ (Алгоритам, 2014) и романот „Како изгоре пресветиот Тромбетасич“, кој влезе во 12-те финалисти за наградата „Фриц“, а ја доби наградата „Катарина Патачиќ“ за најдобра книга на кајкавски дијалект и беше преведен на словенечки јазик. Грегур е вклучен и во антологијата на младите хрватски романсиери „Без врата, без чукање“ (Сандорф, 2012). Иницијатор е на фестивалот „Алпе Јадран фестивал за млади писатели“, член е и претседател на управниот одбор на меѓународниот литературен фестивал „Галовиќова есен“, водител е на книжевните трибини „Либарење“, еден од иницијаторите е и главен и одговорен уредник на списанието „Артикулации“. ар/дма/

Остани поврзан