• вторник, 27 февруари 2024

Промоција на првите броеви на меѓународното научно списание „Балкански хип-хоп студии“

Промоција на првите броеви на меѓународното научно списание „Балкански хип-хоп студии“

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Во Домот на културата „Кочо Рацин“ вечер ќе бидат промовирани првите два броја од меѓународното научно списание „Балкански хип-хоп студии“. Во него се објавени и се објавуваат прилози коишто можат да се однесуваат на музиката, културолошките студии, лингвистиката, литературата, уметноста, танцот, историјата, социолингвистиката, социологијата, филозофијата, перформативните уметности, педагогијата итн. Вклучувањето на сите овие научни полиња е со цел хип-хопот, слемот, афроамериканската и урбаната култура да бидат претставени од различни аспекти и гледишта.

Списанието е плод на долгогодишните активности на организацијата „Хип-Хоп Македонија“ за промоција, афирмација и унапредување на хип-хопот и урбаната култура, а се појавува по повод чествувувањето на 50 години од појавата на хип-хопот.

Редакцијата ја сочинуваат главниот уредник Славчо Ковилоски и уредниците Јулијана Папазова, Елена Пренџова и Александар Ковилоски, коишто ќе бидат и промотори на списанието.

Ова списание е прво и засега единствено од ваков вид во земјава и на Балканот и во него учество земаат еминентни професори од Универзитетите во Љубљана, Сараево, Софија, Крагуевац, Риека и Братислава: Мојца Кревел, Гергор Помпе, Сребренка Мачковиќ, Венцислав Димов, Јелена Арсенијевиќ Митриќ, Татјана Вукелиќ и Звонко Танески, како и македонските професори Антоанела Петковска и Ристо Солунчев од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Како надворешни соработници се јавуваат повеќе познати македонски хип-хоп музичари: ДЈ Гоце (САФ), Тони Зен, Кацар и ДЈ Бугимен, како и Стефан Марковски и Биљана Миловановиќ Живак.

Автори на текстовите во двата броја се членовите на редакцијата, потоа Сузи Тенева, Дејан Методијески, Татјана Вукелиќ, Вангел Ноневски, Ристо Солунчев и Виолета Дамческа.

Списанието може да се најде во печатена форма и онлајн, на веб страницата www.balkanhhs.com мд/аа/

Фото: „Хип-Хоп Македонија“

Остани поврзан