• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на „Мастерклас: разговори со домашни режисери“ од Златко Ѓелески

Промоција на „Мастерклас: разговори со домашни режисери“ од Златко Ѓелески
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) - Во Младинскиот културен центар во Скопје вечер ќе се одржи промоција на збирката интервјуа „Мастерклас: разговори со домашни режисери“ од Златко Ѓелески, во издание на ПНВ Публикации. Книгата ќе ја претстави Влатко Галевски, а разговорот со авторот ќе го води Јулијана Величковска. „Мастерклас“ содржи шест долги и темелни разговори со режисерите Милчо Манчевски, Владимир Блажевски, Антонио Митриќески, Горан Тренчовски, Светозар Ристовски и Игор Иванов ‒ Изи. Изданието е поддржано од Министерството за култура. „Мастерклас“ на Златко Ѓелески е радио/книжевно сликарство или радијски документаристички серијал, каде авторот и буквално ги екстериторизира раскажувањата на соговорниците, нивните погледи и искуства, со манир на истражувач на личностите и на нивните алхемиски творби. Нивната заемна комуникација повремено поприма чудесни релации – надополнување, синхронитет, рефлексија, медитативност, исповед, заемна доверба, а официјалноста на средбата Златко ја трансформира во доверлив, безмалу пријателски, разговор. Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар. Активно се занимава со филмска критика од 2008 година, како уредник и издавач на списанието „Кошмар“. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, музичките на „Плагијат“, а пишува филмски рецензии објавени во печатена форма во „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм +“, „Филмски печат“ и други магазини и дневни весници. Од 2011 година до ден-денес е водител на филмската радиоемисија „Дансе Макабре“, која брои 13 сезони на радио „Канал 103“, како и специјализираната емисија за ТВ-серии „ТВ 103“ од 2020 година, која брои три сезони. Расказите му се наградени и на неколку натпреварувачки конкурси во државата и објавени во различни спијанија и збирки, дигитални и печатени.бт/са/

Остани поврзан