• петок, 15 ноември 2024

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Белград, 7 јуни 2023 (МИА) - Во рамки на традиционалната манифестација „Денови на македонската култура во Белград „Допир на Македонија“ во организација на Здружението „Македониум“ во Педагошкиот музеј во Белград денеска ќе се одржи промоција на новата поетска збирка на авторката Оливера Доцевска. Книгата „Per Aspera Ad Astra“ (позната латинска изрека, која се преведува како „Преку трње до ѕвездите“ н.з.). е во издание на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од Скопје. За книгата, покрај авторката ќе зборува и поетесата и преведувачката Искра Пенева.

Оливера Доцевска работи и живее во Белград. Родена е во Куманово, Република Македонија. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а во Скопје положува и правосуден испит и работи како адвокат од 2008 до 2020 година. Од 2012 година член е на Друштво на писатели на Македонија (ДПМ), а од 2014 до 2018 година е претседател на Статутарна комисија на ДПМ, воедно и член на Собраниски одбор на ДПМ. Нејзиното книжевно творештво опфаќа повеќе дела поезија и проза, меѓу другото 8 стихозбирки, 3 приредени антологии, како и проза, колумни, есеи, преводи, а преведена е на повеќе јазици и добитник на неколку награди за поезија.

Таа е почитувана и препознаена и како борец за човекови права и праведност.

Манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград, „Допир на Македонија“ е од особено значење за македонската национална заедница во Србија. Се одржува по 13 пат во српската престолнина, а традиционално ја поддржуваат Македонскиот национален совет, Министерството за култура на Република Србија и претпријатијата „Алкалоид“ и „Фудекс“. об/мд/

Остани поврзан