• четврток, 12 септември 2024

Промоција на книгата „Моите приказни“ на Киро Донев

Промоција на книгата „Моите приказни“ на Киро Донев
Струмица, 22 март 2022 (МИА) - Во Домот за деца и млади „Благој Мучето“ во Струмица денеска ќе биде промовирана книгата „Моите приказни“ на авторот Киро Донев. „Моите приказни“ претставува избор од неговите раскази, а објавувањето се совпаѓа со 80-тиот роденден на Донев и 55-годишнината од публикувањето на неговата прва книга. Пред читателите ќе биде претставена и специјалната серија на изданието од 80 примероци, што симболично го одразува 80-тиот роденден на Киро Донев. Книгата „Моите приказни“ содржи 80 раскази и претставува избор од неговите книги со раскази. Почнува со неговата автобиографска приказна, а е поделена во неколку целини: „Од дневникот на Зорка Сештозбрка“, „Од дневникот на Васко Пикаско“, „Дарко во ЗОО паркот“, „Приказни од куќичката на дрво“ и „Приказни за годишните времиња“. Киро Донев е меѓу најчитаните и најпреведуваните македонски писатели за деца. Досега се објавени близу 50 негови книги. Донев живее во родното Моноспитово, Струмичко и е познат и широко прифатен од младите читатели по инвентивниот хумор и ведрината во неговото творештво. Неговиот препознатлив хумор ја брише границата меѓу хуморот наменет за најмладите и за возрасните читатели. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици. фф/сп/

Остани поврзан