• недела, 22 декември 2024

Промоција на книгата „За македонските работи“ од академик Љупчо Коцарев

Промоција на книгата „За македонските работи“ од академик Љупчо Коцарев
Скопје, 2 март 2022 (МИА) - Во мултимедијалниот културен центар „Матица екслузив“ во Скопје, академиците Витомир Митевски и Катица Ќулавкова денеска ќе ја промовираат книгата „За македонските работи“ од Љупчо Коцарев, актуелен претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Како што информираат од издавачката куќа „Матица“, на страниците од ова тестаментално дело aвторот застапува есеи, обраќања, беседи и слова, во кои со изострено чувство за критичка опсервација ги анализира македонските состојби. Книгата е составена од четири дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“, „Интервјуа“ и „Македонскиот манифест“. Во аналитичките и студиозни текстови, Коцарев ги поставува прашањата: „Како/Што понатаму?“ и „Кои се нашите предизвици?“, што зборува, од една страна, за неговата загриженост поврзана со повеќедецениската криза во Македонија и, од друга страна, за неговиот обид за изнаоѓање решенија за излез од кризата и за опстојбата на Македонија, стои во најавата за промоцијата. Академик Љупчо Коцарев е редовен професор на УКИМ - Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего од 1998 до денес. Бил дел од академскиот тим на Универзитетот Калифорнија (Беркли). Автор е на над двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и во хуманистичките науки. Изумител е на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и Европа. Добитник e на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката. ар/лв/

Остани поврзан