• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на „Кирил и Методиј кои сте вие“ од Јордан Плевнеш во Париз

Промоција на „Кирил и Методиј кои сте вие“ од Јордан Плевнеш во Париз

Скопје, 21 ноември 2023 (МИА) - Светската промоција на француското издание на драмата „Кирил и Методиј кои сте вие“ од писателот Јордан Плевнеш, која е во издание на „Куќата на Европа и Ориентот“, се одржа синоќа на Универзитетот „Пантеон Асас Сорбона 2“ во Париз.

Промоцијата беше отворена од потпретеседателот на Универзитетот, Фабрис Далмеида, еден од најпознатите француски интелектуалци. Тој за време на промоцијата истакна дека токму на предлог на оваа институција, Француската академија му ја додели на Плевнеш Наградата Гранд При за животно дело.

Изданието на драмата е со предговор на еден од најголемите светски театролози Жорж Бани (1943-2023). За драмата, која е во превод на Фроса Пејоска-Бушро од македонски на француски, говореа францускиот поет и драматург Жан-Пиер Симеон, издавачот на „Собраните драми“ на Плевнеш на француски Франсис Комб, режисерот Патрик Вершурен, како и претседателот на Академјата Маларме, Силвестр Клансие.

Според говорниците, творештвото на Плевнеш го афирмира македонскиот идентитет во европски и светски рамки. Токму оваа драма, како што посочија, е неприкосновен прилог кон глобалната трагикомедија, во која се уништува и последното зрно на човечката надеж, иако средновековните рамноапостоли говореле за „Цивилизација на љубовта и носталгија по единството " што никаде ги нема, освен во самотијата на уметничкиот сон.

Промоцијата беше посветена на актерот Мето Јовановски (1946-2023), кој во повеќе градови на Франција ја играл главната улога во пиесата „Европа"  реализирана  од група на македонски актери од Драмски Театар и од францускиот театар Ефемерид. бт/нд/

Остани поврзан