• петок, 05 декември 2025

Промоција на бугарското издание на романот „Од Mагла на југ до Mесечина на север“ на Виктор Петрески

Промоција на бугарското издание на романот „Од Mагла на југ до Mесечина на север“ на Виктор Петрески

Скопје, 10 септември 2025 (МИА) - Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечер од 18.30 часот ќе биде промовирано бугарското издание на романот „Од Mагла на југ до Mесечина на север“ од младиот македонски писател Виктор Петрески.

Бугарското издание на романот излезе оваа година, објавено од издавачката куќа КВЦ на Красимира Цонева, која е и негов преведувач. За романот ќе говорат авторот и редакторите Елеонора Тодорова и Мариjан Петров.

-Романот ги испреплетува судбините на хероите во Европа од 20 век - од првите сенки на Големата депресија, преку ужасите на Втората светска војна до темните улици на модерниот град. Ова е приказна за изборите што нè создаваат и за цената што ја плаќаме кога забораваме кои сме биле на почетокот, соопшти Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

Виктор Петрески (1991, Скопје) е писател, продуцент и актер. Завршил први циклус студии по компјутерски инженеринг, а подоцна и магистрирал по сценарија за кино. Од рана возраст покажал силен интерес за пишување, прво создавајќи научнофантастични приказни, а во тинејџерските години почнал да пишува приказни инспирирани од националната историја.

Дебитирал како писател со романот „Од Магла на југ до Месечина на север“, објавен во 2015 година. Во 2022 година, Петрески го направил својот прв игран филм, воениот документарец „Siren Lullabies“, а истата година го продуцирал и краткиот психолошки трилер „Lobus Frontalis“. Има и долгогодишно искуство како актер во алтернативниот експериментален театар „Чекори“ во Скопјe.

-Виктор Петрески продолжува да ги развива своите литературни и филмски проекти, комбинирајќи го своето технолошко образование со длабок интерес за уметност и раскажување приказни, соопшти МКИЦ-Софија. хс/лв/

Фото: Македонски културно-информативен центар во Софија

 

Остани поврзан