• вторник, 19 ноември 2024

Промовирна монографијата „Поглед низ времето“ на Киро Кипроски

Промовирна монографијата „Поглед низ времето“ на Киро Кипроски
Гостивар, 24 октомври 2020 (МИА) - Последното дело на гостиварскиот публицист Киро Кипроски „Поглед низ времето“ со новинарски текстови, фотографии и белешки на авторот, беше промовирано во Гостивар. Во монографијата се опфатени настани во периодот од речиси половина кои авторот ги објавувал во повеќе медиуми со кои соработувал. За последното, десетто по ред дело, пензионираниот новинар Киро Кипроски вели дека е мал историјат и на своевиден начин, чување од заборав на настаните и личностите кои биле значајни за регионот и државата. – Целта ми беше на едно место да ги соберам текстовите што се однесуваат на значајни историски настани од минатиот и од овој 21 век и за личности што со своите дела оставиле траен белег во животот на овие краишта, кои нѐ задолжиле и кои никогаш не треба да ги заборавиме, вели авторот Кипроски. Монографијата „Погледи низ времето“, според рецензентката проф. Светлана Велјаноска, која зборуваше на промоцијата, е природен след на нештата што секој автор го творел со децении. – Кога творештвото настанато низ годините ќе се собере на едно место, работите се поставуваат на свое место и творецот на многубројните текстови и фотографии ќе може да направи евалуација на тоа што го работел во времето што поминало, рече Велјаноска. Промоторот и поранешен колега, писателот Блаже Миневски, рече дека најновото дело  на Кипроски е капитално несекојдневно книжевно дело и е своевидна новинарска антологија. - Навистина е тешко да се направи селекцијата за оваа книга, особено ако авторот напишал преку десет илјади. На 524 страници има двесте текста, разлижни по жанр и тематика кои се расврстани во осум тематски целини. По ова може да се види и дека Кипроски се вбројува меѓу ретките новинари е по многу нешта е уникатен, рече Миневски на промоцијата. Промоцијата музички ја збогатија триото „Кладенец“ кои изведоа акапела неколку традционални македонски песни. Во монографијата има текстови кои во тоа време го привлекле вниманието на јавноста, како еден првите текстови во весникот „Нова Македонија“, за Трајче Ристоски, прв Македонец, кому д-р Де Бејки во болницата во Хјустон, САД, му изврши операција на срцето. Текстот со наслов „Кораб повисок од Триглав?“, објавен 1973 година, открива дека група гостиварски планинари утврдиле дека врвот Голем Кораб е поголем за 108 метри и со тоа повисок од највисокиот врв во СФРЈ. Тој ја бележи и првата средба на нобеловецот Ферид Мурат, со неговите роднини во гостиварска Лакавица. Тој пишувал и за Мазлам од долнореканското село Присојница, кој му бил возач на египетскиот крал Фарук. Кипроски преку новинарски опус и сите новинарски жанрови: патеписи, репортажи, извештаи, фељтони и бележи разни историски, политички, стопански, образовни, здравствени, земјоделски и културни теми. Во неговата работа и монографијата доминираат текстови од западниот дел на Македонија, а има и репортажи од Кина, Египет, Тунис, Германија, Грција, Словенија, Франција. Кипроски како новинар работел за „Нова Македонија, „Танјуг“, „МИА“, „Макфакс", Радио Скопје, Радио Дојче веле и Радио Берлин. Негова матична куќа беше Радио Гостивар, каде работеше како новинар - уредник на емисиите на македонски јазик се до пензионирањето. Автор е на десетина книги и монографии. згм/ац/   з. г. м.

Остани поврзан