• понеделник, 23 декември 2024

Промовирано видео за еколошки истражувања на преспанскиот остров Голем Град

Промовирано видео за еколошки истражувања на преспанскиот остров Голем Град
Ресен, 11 април 2022 (МИА) - Македонското еколошко друштво (МЕД) промовира видео материјал посветен на еколошките истражувања кои во изминатите 15 години ги вршел меѓународен тим на херпетолози, а ги истражувале популациите на шумската желка, поскокот и рибарката на преспанскиот остров Голем Град. „Голем Град – последното скривалиште на природата“ е кратко видео во кое се презентира и проширувањето на истражувањата кон островот Мал Град во Албанија. Според Драган Арсовски, проектен координатор од МЕД и долгогодишен истражувач на влекачите на Голем Град, снимениот материјал треба да им покаже на нашите млади истражувачи дека вакви комплексни научни истражувања се спроведуваат и кај нас и да ги мотивира да се насочат кон занимања кои ќе го истражуваат и заштитуваат биодиверзитетот. -Возбудлив новитет од 2021 година е што истражувањата ги проширивме и на островот Мал Град во Албанија. По континуиран мониторинг од скоро две децении, свесни сме дека овие острови се дом за репрезентативни, но и уникатни животински популации кои може да се индикатори за здравјето на целиот преспански басен, изјави Арсовски. Автор на видеото е Фросина Пандурска Драмиќанин, режисер и монтажер е Џорџ Стамкоски, а Тони Стојановски, одговорен за визуелниот дел на проектот. За музиката во видеото се погрижи мултимедијалниот уметник Дејан Спасовиќ. – Процесот на создавањето на музиката за Голем Град беше, пред сè, справување со одговорноста што ја носи ова митско место, бидејќи, според мене, музиката за едно вакво видео во себе треба да ги содржи сите времиња низ кое поминува овој прекрасен остров, истакна Спасовиќ. Видеото за островот Голем Град кој се наоѓа во водите на Преспанското Езеро, e достапно на youtube каналот на МЕД.мт/вј/

Остани поврзан