• среда, 25 декември 2024

Промовирана публикација „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: Дали Република Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина?”

Промовирана публикација „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: Дали Република Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина?”

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Кинеските проекти и инвестиции многу често колку што обезбедуваат поддршка и помош, имаат и штета по животната средина, локалните економии, доброто управување и тоа се најчесто теми кои што не се застапени во тие еднострани погледи, наративи претставени од страна на кинеските чинители, истакна Ана Крстиновска од Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности  ЕСТИМА и аквторка на публикацијата „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: Дали Република Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина?”.

Публикацијата е направена од Фондацијата Конрад Аденауер, Правниот Факултет „Јустинијан Први”-Скопје и Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности ЕСТИМА.

Крстиновска потенцира дека повеќе анализи од многу земји низ светот покажуваат дека кинеското присуство во земјите во развој вклучително и во државите од Западен Балкан има пет елементи.

-Прво, Кина несомнено преку своето присуство го помага економскиот развој на овие држави преку трговија, развој на помош, инвестиции и инфраструктура. Второ, меѓутоа мора да забележиме дека Кина преку сите овие договори и односи во уште поголема мера си помага себеси. Сите договори се насочени кон задоволување на кинеските потреби, приоритети и интереси. Како трето, Кина преку тоа се обидува да стекне сојузници. Значи, државите кои што имаат некаков степен на економска зависност кон Кина се разбира дека ќе имаат поголем поттик да ја поддржуваат Кина во различни меѓународни форуми да обезбедуваат поволни услови за кинески чинители, компании и банки во билатералните односи. Кинеските проекти и инвестиции многу често колку што обезбедуваат поддршка и помош, имаат и штета по животната средина, локалните економии, доброто управување и тоа се најчесто теми кои што не се застапени во тие еднострани погледи, наративи претставени од страна на кинеските чинители, рече авторката на публикацијата.

Како четврт елемент, Крстиновска нагласи дека „заедно со економските придобивки, Кина во голема мера ги извезува и своите идеолошки погледи кон светот, своите норми и стандарди во поглед на слободата на говор, односно критикувањето или цензурата на се што може да биде протолкувано како критика за кинеските постапки и активности, го извезува својот начин на управување кое го гледаме во посиромашните и помалку демократските држави и во голема мера ги поддржува авторитарните режими“. 

И како пет елемент на публикацијата е кинеското присуство во различните држави и придобивките се во голема мера асиметрични. - Значи, станува збор за создавање на економски зависности кои што Кина може во даден момент да ги искористи за постигнување на политички цели и имаме во голема мера еден трансакциски однос кој се воспоставува, рече таа.

Крстиновска истакна дека во поглед на трговијата имаме три децении трговски дефицит кој постојано се зголемува. Потенцира дека во моментот увезуваме 17 пати повеќе отколку што извезуваме и извозот во голема мера е нерамномерен од година во година.

-Уште позагрижувачко е тоа што во извозот доминираат екстрактивни производи и суровини како што се феролегури и минерални суровини, мермер итн. Иако со години се обидуваме да го зголемиме извозот на земјоделски производи, со исклучок на виното кое што учествува во 1 процент од извозот, немаме некој позначаен успех, односно постојат многу нетарифни бариери на страната на Кина кои оневозможуваат некои поголем извоз на земјоделски производи иако постојано потпишуваме некакви договори тоа во пракса не се остварува, рече таа. 

Во однос на увозот, Крстиновска истакна дека имаме увоз на стоки со поголема вредност како што се електроника, машини, производи за поширока потрошувачка и тоа се артикли кои ги купуваат и граѓаните и компаниите, бидејќи имаме куповна моќ која е меѓу најниските во Европа.

-Имаме компании кои не се многу конкурентни. Во голема мера зависат од увоз на евтини суровини, опрема и машини. Овој аспект има многу важна улога во економијата и доколку Кина би постапила на начин како што постапува со останатите држави во светот, ние би можеле да се најдеме соочени со сериозни проблеми барем на краток и среден рок, за нашите компании и потрошувачите да можат да се снабдат со оние производи кои најчесто ги увезуваме од Кина, рече таа.

За присуството на Кина како инвеститор во државава рече дека е маргинално и смета дека не треба да зборуваме за инвестиции кога зборуваме за инфраструктурните проекти, бидејќи Кина не е инвеститор. Потенцира дека Кина обезбедува кредити кои на крајот на денот нашите даночни обврзници ќе мораат да ги вратат. 

-Во поглед на инвестициите, на крајот на 2022 година Кина учествува со 2,6 проценти од вкупните странски инвестиции во државата, што е отприлика 10 пати помалку од Србија. Имаме тенденција на намалување на овие инвестиции. Договорот за градење на автопатиштата Штип-Миладиновци и Кичево-Охрид, е втор инфраструктурен проект кој се гради со кинески заем, додека првиот е хидроцентрала во браната Козјак. Вкупниот надворешен долг кон Кина на крајот на 2022 година изнесува 479 милиони долари, односно 8,7 проценти од вкупниот надворешен долг и 3 проценти од бруто домашниот производ, истакна авторката на публикацијата Крстиновска.

Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македониjа во изјава за медиумите истакна дека целта е тука да ја подигнеме свеста и да ја менаџираме свеста, а не да промовираме прекин на односите затоа што сметаме дека односите и врските со Кина треба да постојат. Но, како што посочи, сепак треба да бидеме свесни дека тоа може да предизвика и одредени проблеми.

Браун рече дека треба да имаме предвид дека при пристапувањето кон Европската унија има одредени правила како треба да се справуваме со надворешни проблеми.

-Тоа не значи дека треба да се прекинат какви било трговски соработки или да речеме да не го учиме кинескиот јазик оти тој ќе си постои. Но, сепак треба да имаме свесност дека Кина може да влијае на геополитичките односи во регионот. Но, доколку Македонија ги одржува стабилно односите со НАТО во тој случај тогаш нема да има никаков проблем, рече Браун.фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан