Промовирана монографијата „Македонска поетика и стилистика“
- „Македонска поетика и стилистика“ – прва национална монографија во рамки на едиција посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, беше промовирана денеска во Ректоратот на Скопскиот универзитет. Како трета книга од серијата „Словенска стилистика“, ја објави Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац и излегува по повеќегодишната работа на неколкумина македонски членови во таа Комисија.
Скопје, 12 јуни 2025 (МИА) - „Македонска поетика и стилистика“ – прва национална монографија во рамки на едиција посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, беше промовирана денеска во Ректоратот на Скопскиот универзитет. Како трета книга од серијата „Словенска стилистика“, ја објави Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац и излегува по повеќегодишната работа на неколкумина македонски членови во таа Комисија.
Македонскиот е првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат, со што изданието стана првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји.
Автори се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Трајче Стамески и ас. м-р Иван Антоновски, научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.

Деканот на Филолошкиот факултет на УКИМ, проф. д-р Владимир Мартиновски, во поздравната реч истакна дека се работи за исклучително капитално издание за македонистиката, за дијалогот на македонската наука со светот и за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура. Како што рече, монографијата ни дава неверојатно длабок и сеопфатен преглед на македонската литература низ призма на поетиката и стилистиката.
-Оваа книга се чита многу пати, сигурен сум дека ќе се цитира и ќе се коментира и дека од неа ќе произлезат и други проекти и нови агли на читање на македонската литература и нејзиниот континуитет, од раниот среден век па сè до денес. Може да се анализираат многуте нишки што постојат во нејзиниот развој – од народната литература, преку средновековната, значењето на 19 век, првата половина на 20 век, но и потоа – периодот на интензивен естетски развој, истакна Мартиновски на промоцијата на која присуствуваше и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Изданието е во редакција на Славчо Ковилоски од Институтот за македонска литература и на Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац, за кој Мартиновски рече дека со ова издание најдобро потврдува дека заслужено е носител на признанието „Блаже Конески“.
Деканот цитираше завршен текст во монографијата токму од редакторот Тошовиќ, кој пишува дека „преку споредба со другите јазици може да се утврдат корелациите и статусот на македонскиот јазик наспрема другите словенски јазици“.
„Со тоа, ќе се потврди самобитноста на македонскиот јазик, ќе се промовира, ќе се афирмира и ќе се популаризира македонскиот јазик во светот, со што ќе се засили неговата меѓународна позиција“, напишал редакторот Тошовиќ кој на промоцијата се обрати со видеопорака.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Биљана Ангеловска во поздравно обраќање истакна дека објавувањето на ова значајно дело за славистиката и македонистиката е во рамки на одбележувањето 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и дека македонскиот авторски тим успеал да одговори на голем научен предизвик. Посочи дека изданието може да послужи како своевидна историја на македонската книжевност зашто е опфатена целокупната македонската литература, од раниот среден век до денес.
-Не можеше да ни се случи подостоинствена и од научна перспектива попрестижна афирмација на македонската реч на меѓународен план ... Првпат сега имаме своевидна историја на македонската книжевност објавена од меѓународен референтен издавач, која ги опфаќа сите периоди на книжевниот развој и сите жанрови. Со тоа, македонската научна вистина станува пореферентна и тоа во време кога, соочени со негирање и напади од ненаучни побуди, неретко ни се поставува прашањето што можеме да направиме од научна перспектива? Еве го и резултатот – колективната монографија „Македонската поетика и стилистика“ како најмоќен одговор, истакна ректорката на УКИМ. хс/ац/
Фото: МИА