Промовирана книгата „Девојчето Ена и волшебната четка за заби” од Кристина С. Алоска
- „Девојчето Ена и волшебната четка за заби” е насловена едукативната книга за деца од Кристина С. Алоска што денеска беше промовирана во Охрид, во рамките на проектот „Културата расте во децата”.
Охрид, 4 јуни 2025 (МИА) - „Девојчето Ена и волшебната четка за заби” е насловена едукативната книга за деца од Кристина С. Алоска што денеска беше промовирана во Охрид, во рамките на проектот „Културата расте во децата”.
Според промоторката Валентина Рубаноска, станува збор за весела приказна со најимпресивна порака „убавите и здрави заби се огледало на нашето здравје“.

- Креативната авантура на Ена со пријателчињата ќе ве загрее како топло јунско сонце, подарувајќи ви ги најмудрите совети како да го негувате вашето орално здравје и ќе научите дека блескавата насмевка има силна моќ да ве направи среќни и исполнети со чувство на самодоверба. Приказната за Ена и нејизната волшебна четка е „скроена по мерка на суптилниот детски ум“, за сите деца преточена во парадигмата „културата расте со децата“, рече Рубаноска.
Авторката, доктор Алоска, која е доктор стоматолог, истакна дека од книгата, дечињата треба да извлечат поука како да ги чуваат забите силни и здрави.

- Нашиот херој е волшебната четка Неда– без која Ена никогаш не оди на спиење без да ги измие запчињата со неа и со волшебната паста! Со нив таа ги победува сите бактерии и ги чува своите запчиња сјајни како дијаманти. Драги деца, запомнете: ако сакате и вие да бидете херои, само треба двапати на ден да ги четкате забите, да јадете здрава храна и редовно да одите на стоматолог. Ви посакувам волшебна забава, многу смеа и нови знаења – и не заборавајте: секој ден е нова авантура за чисти и здрави заби!, посочи Алоска.
„Девојчето Ена и волшебната четка за заби” е петта книга на Алоска, а издавањето го поддржаа Општина Охрид. сс/дма/
Фото: МИА