• петок, 22 ноември 2024

Проекција на музичко-документарниот филм за Петер Ловшин и Панкрти во Кинотека

Проекција на музичко-документарниот филм за Петер Ловшин и Панкрти во Кинотека

Скопје, 23 февруари 2024 (МИА) - Проекција на музичко-документарниот филм за Петер Ловшин и култната словенечка група Панкрти ќе се одржи и вечерва во терминот од 20 часот во Кинотеката во Скопје.

Настанот го организира Словенечкиот центар - Скопје во соработка со Кинотеката, по повод словенечкиот празник на културата - Прешернов ден. Гостин на проекцијата ќе биде токму Петер Ловшин, првата панк ѕвезда во некогашна Источна Европа, кој како фронтмен на Панкрти, со текстовите и активизмот одбележал цел еден период од историјата на Словенија.

Насловен "Перо Ловшин - Ти Можеш", филмот е во режија на Јани Север, кој е и автор на сценариото заедно со Стојан Пелко. Улогите во филмот ги толкуваат: Ловшин, Биг Фут Мама, Присмојени професори блуза.

Филмот го опфаќа периодот на анархизмот и бунтовноста на 1970-тите години, независноста на Словенија, демонстрациите во центарот на Љубљана, сè до учеството на UEFA Euro 2000 во Амстердам.

Панкрти, формирани во 1977, во мала населба во околината на Љубљана, како што се посочува, се најверојатно првиот панк рок бенд во тогашниот источен блок, зад железната завеса. На самиот почеток свиреле преработки од етаблирани панк и рок групи како Sex Pistols, The Clash, New York Dolls. Биле дел од сега веќе легендарната компилација Novi Punk Val. Во 1980 го објавуваат нивниот прв долгосвиречки проект, винил албумот „Dolgcajt“. Препознаени по ангажираните социјално-политички текстови и коментари, Панкрти стануваат култен бенд на територијата на некогашна Југославија. Нивниот втор ЛП „Državni ljubimci“ доживеа одличен одѕив меѓу критиката и публиката и беше прогласен за југословенски албум на годината.

Во 1996, настапуваат како предгрупа на нивните идоли Секс Пистолс, во рамките на настапите низ Словенија. Застапени се и во фалениот рок документарец во продукција на Рајко Грлиќ – СРЕЌНО ДЕТЕ (Sretno dijete).

Документарецот за Ловшин и Панкрти има освоено награди на Фестивалот на словенечкиот филм во Порторож, и на Фестивалот на европскиот и медитерански филм во Пиран, во Словенија.

Поекција на долгометражниот музички-документарен филм „Перо Ловшин – Ти можеш“ се одржа и вчера во Кинотеката. вг/са/

Фото: Словенски центар/Кинотека



Остани поврзан